Тројца ранети во пукотници во забавен парк во Чикаго

Три лица се ранети во пукотница што се случила во забавен парк во северниот дел на американскиот град Чикаго, јавува АП.

Луѓе биле повредени на паркингот на забавниот парк Six Flags Great America во неделата вечерта кога се пукало од автомобил, изјави портпаролот на паркот.

Автомобилот од кој се пукало брзо побегнал, а повеќе детали не се познати.

Двајца од ранетите се пренесени во болница, додека третиот одбил хоспитализација.

Американката Лори Вокер и нејзината ќерка Грејс биле во паркот кога почнало пукањето.

Вокер за „ВГН њуз“ изјавила дека двете чекале ред за билети околу 19 часот и 50 минути, кога забележала дека луѓето панично бегаат.

„Слушнав како некој вика „луѓе, легнете, легнете, некој пука“. Не знаевме што се случува, па легнавме на земја“ – раскажа Вокер.

Потоа му се јавила на својот сопруг и набрзо успеала да излезе од забавниот парк.