Три од четирите кандидатури за нов претседател на СДСМ се прифатени од Централната изборна комисија, рече денеска Славјанка Петровска, пратеничка на владејаката партија – од трката отпаднал Властимир Алексовски од Куманово.
„Денеска согласно правилата заседаваше Централната изборна комисија и одлучија дека три кандидатури се целосни со сите потребни документи и услови согласно правилата и условите кои беа распишани, а една кандидатура не е и таа е отфрлена со одлука на Централната изборна комисија и кандидатот кој ја поднесе е известен за тоа“ рече Петровска.
Кандидатури за партиски лидер на СДСМ испратија Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Властимир Алексовски, член и активист на СДСМ и Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони.
Вонредните избори во СДСМ ќе се одржат на 12 декември 2021 година, а изборите на локално ниво ќе ги спроведат 80 општински изборни комисии и одбори на избирачки места.