Таравари до Заев: Ја зборував вистината, слободно нека ме тужи, тука сум

Градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари кој воедно е и генерален секретар на Алијанса за Албанците вели дека нема намера да му се извини на премиерот Зоран Заев, по изјавата во која кажа дека првиот човек на Владата, но и на СДСМ нудел пари на пратеничка за да ја придобие при формирање на парламентарно мнозинство. Таравари тврди дека ја зборувал вистината и потенцира дека и двајцата знаат што се случил.

„Тој знае дека и јас знам. Ако ги решил другите проблеми и покрупни прашања, слободно нека ме тужи, тука сум. Меѓутоа ќе дојде времето кога за оваа работа ќе се прозбори јавно. Бидејќи сме во хибриден режим и не сакам да вовлекувам нашите пратеници во непријатна ситуација, оваа приказна и таа тема ќе ја завршам тука. Јасно е што е направено“ – изјави Арбен Таравари.

Гостиварскиот градоначалник во телевизиско интервју обвини дека низ земјава се „шетало со куфери полни пари“ и оти пратеничка од неговата партија добила понуда од пријатели на премиерот да премине од опозиција во владејачкото мнозинство.

По ова следуваше демант од премиерот Заев и најава за тужба доколку Таравари не се извини.