Трошановски: Експертска или малцинска Влада за излез од кризата

„Опозицијата само може да добие со контруктивен пристап и критика во периодот што следи, без да се нарушува функционирањето на системот“ вели Марко Трошановски од Институтот за демократија „Societas Civilis“ во Скопје

Трилинг: Како ќе продолжи битката за кревко мнозинство?

Трошановски: Ќе биде турбулентен период. Очигледно државата е во лимбо состојба со Влада која нема поддршка ниту да остане, ниту да си замине.  За жал првите две најсоодветни сценарија се малку веројатни поради нивото на политичката култура кај актерите на политичката сцена. Експертска влада со ограничен мандат и надлежности (но со овие политички елити тоа е скоро неверојатно). Реконструкција на Влада и обид истата да биде поддржана од ново мнозинството (и малцинска влада е тука во игра) и да продолжи со мандатот. Блокада на Парламентот и/или предвремени избори, според мене воопшто не ни требаат и само ќе ја искомплицираат работата. Парламентот има куп закони што чекаат, а лани речиси не работеше цела година. Радикализацијата на која повика Левица, според мене, е најмалку потребно сценарио во моментов. Сепак од она што гледам сите страни не се подготвени да ја смират ситуацијата и сите постапки ќе бидат во насока на рушење на кревкото мнозинство.

Наместо да имаме стабилност во догледен период, во кој пред се ќе функционира државата и институциите (иако многу потфрлаат на многу нивоа), ќе имаме постојани обиди за создавање кризи. Искрено мислам дека опозицијата само може да добие со контруктивен пристап и критика во периодот што следи, без да се нарушува функционирањето на системот.

Трилинг: Дали Заев ќе остане премиер?

Трошановски: Мислам дека изминатиот период беше исполнет со неодговорност и неказнивост кај државните функционери што ја зголеми фрустрацијата кај гласачите. Премиерот сам ја заложи својата позиција на исходот од локалните избори, и мора да остане доследен на тоа што го вети, ако сака да го зачува сопствениот и угледот на СДСМ. Разбирам тактичко одолговлекување во насока на смирување на политичките тензии, но тоа не смее да трае предолго, особено не смее да се условува со нејасни предуслови кои се толкуваат различно во различни ситуации.  Јас лично мислам дека премиерот Заев ќе замине.

ИСЧЕЗНУВАЊЕТО ПРАТЕНИК Е УДАР ВРЗ ДЕМОКРАТИЈАТА

Трилинг: Киднапирањето пратеници, како што велат Мицкоски и Касами, не е новина во парламентаризмот. За да ја сочува владината коалиција екс-премиерот Георгиевски сокри неколку пратеници во Крушево. Што после оваа собраницка битка на фифти-фифти мнозинство?

Трошановски: Исчезнувањето на пратеник пред седница за доверба на Влада е срам за сите нас. Нивниот срам е и наш срам без оглед дали опозицијата или власта стојат зад овој случај. Уште еден удар врз довербата во институциите и одалечување на Македонија од патот на демократско закрепнување, а МВР по кој знае кој пат не е на нивото.