Ако на момент се оддалечиме од целата трагикомична драмолетка која следуваше после изгубените локални избори од Заев, итроманските најави за негова оставка и дилетантскиот обид на опозицијата да изгласа недоверба на Владата, ќе видиме дека со ништо не е разрешена политичко-општествената криза која ја проголтува Македонија.
Владата ќе си продолжи како и вообичаено, ќе има некаква си фасадна реконструкција, едните ќе слават победа додека другите ќе ламентираат неправди, но ништо од тоа нема да ја промени или подобри актуелно лошата ситуација во и кон која плови нашиот заеднички брод.
Падот на оваа влада ќе беше добар чекор само во перспектива на формирање Голема коалиција, по можност без ДУИ и нејзината уценувачка политика. На тој начин ќе можеа да се спроведат битни чекори во кратко време и да се обезбеди и 2/3 мнозинство за евентуално изгласување на договор со Бугарија.
Е сега, пошто тоа очигледно тешко ќе се случи и владината коалиција е решена да остане на власт по секоја цена, да погледнеме што ги чека оние што сами си преткажаа дека „за пуста желба за власт биле спремни државата да ја носат низбрдо”.
Ги чека крајно непопуларен договор со Бугарија кој ќе нема како да се изгласа. Ги чека најверојатно ново разочарување околу датумот, иако наголемо се навестува дека датумот е завршена работа затоа што Франција и Холандија притиснале. Има логика во тоа и ако добиеме датум тоа само ќе потврди дека тие држави цело време стоеле зад „бугарското“ вето. Но, таков исход сериозно ќе ја понижи Бугарија, која да се потсетиме, во целиот подновен пристапен процес, ќе има милион можности за блокади и вета. Да не збориме колку се создаде една психодрама дека добивањето датум е еднакво на влез во ЕУ. Се разбира дека е важен чекор, но потоа следуваат деценија и децении на сериозна работа, нешто за што досега не покажавме ни политичка волја, ни реално знаење или мудрост.
Не чека сите енергетска криза која оваа власт допринесе да ја дочекаме комплетно неспремни. Не чека сите најнов и сигурно многу лош бран на корона појачан со Делта+ сојот. И не чека катастрофална економска состојба која веќе се наѕира и чувствува кај граѓаните.
Нејасно е како оваа група на власт која се презентира за прогресивна, а која е делегитимирана, криминализирана, неспособна за промени и преземање одговорност, мисли дека ќе не истера низ овие системски предизвици.
Власта да беше прогресивна ќе создадеше услови за влада на национален спас, наместо да ги спасува своите и коалициските теснопартиски и клановски интереси. Оваа власт мора да понесе одговорност за многу прашања и теми, мора да се соочи и со поразот и со понудените, а нереализирани оставки. Мора да решава проблеми, а наместо тоа она е станата дел од проблемот со своето дрско лажење и евтин популизам дека нешто прават, кога неправат. Она е сега како тело кое губи делови – раце, нозе, до март ќе ја изгуби и главата. Има ли поента слаба и делегитимирана власт да владее – не, нема, затоа што не може да испорача резултати, реформи и промени. Може само да ги задоволи и заштити своите интереси и толку.
Еве да речеме и дека ќе се реконструира Владата во потрага по трета среќа. Но, оваа гарнитура што досега владееше и која не се справи ни со Ковидот, ни со криминалот, ни со корупцијата, ниту нешто реално изгради, реформираше или подобри за граѓаните, досега владееше со својот „дрим-тим“. Владата на Заев е досега најтесната групација на власт, каде едни исти личности се ротираат или преместуваат, но тесната група на функционери е суштински истата и непромената. Дури и кога се обидуваа пред јавноста да изигруваат некаква промена, освежување или метли, тоа секогаш се сведуваше на козметички интервенции со луѓе за една употреба, или со тргнување само на оние преочигледно зацапани во тешок криминал кои станале закана по Заев, или со тивко преместување во некој понизок ешалон.
Така да, што ќе се смени од една реконструкција ако остане Филипче кој е одговорен за смртта на 14 луѓе и за лошо раководење со ковид кризата или Спасовски кој е одговорен за бегството на Груевски, за криминалот кој не спласнува и за скандали со пасоши и криминалци. или ако остане Николовски кој од борбата против корупција фати единствено путер, а кој важи за главниот човек кога станува збор за вработувања и партизација на институциите. Што ќе се промени ако советници и директори на Заев се луѓе со криминално досие, ако што формални-што неформални преговарачи со Бугарија ни се криминогени екс-премиери како Бучковски и Георгиевски?! Што воопшто ќе се промени ако остане оваа Влада која е зависна, уценувана и контролирана од ДУИ?! Што ќе постигнеме ако Бујар ни е Министер за надворешни додека се бавиме со Бугарија која воопшто не ги интересира Албанците во Македонија, или ако Груби ни изигрува премиер како што досега изигруваше прв вицепремиер?!. Како да очекуваме поинакви резултати од истата трула екипа и нивните фасадни или декларативни промени?!
Ние и понатаму ќе си останеме истата заробена држава од хибриден режим која освен на хартија не смени ништо или не примени ниту еден совет од извештајот на Прибе наваму. Остануваме држава каде високи државни и партиски функционери се вмешани во нелегални активности, вклучително и во изборни измами, корупција, злоупотреба на овластување, конфликт на интереси, уцени, изнудувања, притисок врз вработените во јавниот сектор да гласаат за одредена партија со закана за нивно отпуштање, прекршувања на процедури за јавни набавки, клиентелизам, непотизам и протекции, политичко мешање во назначување на судии и во носењето на нивните одлуки. Убаво констатира Хајредини: „Нема излез од политичката криза без да се реши проблемот со ДУИ. Ако тоа не се реши, не може да се оди понатаму“.
Затоа деновиве ќе бидеме импонирани, замајувани со „Заев 3 Владата“, со персонални решенија и ротации, со тоа дали Гаши ќе влезе или не во Владата, а „европеецот“ Кастриот ќе биде пречекуван по сите емисии.
Дали граѓаните ги интересира ова? Не, воопшто. Затоа што цената на лебот и ѓеврекот расте, најавено е јануарско покачување на струјата, а индустриската струја веќе е покачена и голем број на домашни компании калкулираат како да ја поминат зимата.
„Заев 3 Владата“ ќе не отргне и од ситуацијата со КОВИД – 19. Кај нас уште не е паника, ќе паничиме кога ќе ни се наполнат болниците. И тогаш пак репризата од пред една година, како „славата или новогодишната ноќ може да се претвори во погреб“, како сме несовесни и неодговорни ние граѓаните. Затоа што дозволивме да не занимаваат со Кастриот, со коалициски пазари и уцени, а не со тоа дека нема инспекциски служби, дека веќе и угостителските објекти (чест на исклучоци) не бараат сертификати.
Имаме изјава од Министер за здравство, кој ги повика граѓаните да внимаваат при одбележувањето на семејните слави во момент кога ноќните клубови работат со фул капацитети. И незабележано ќе помине и изјавата на поранешниот директор на Здравствен дом – Скопје (именуван од актуелнава власт) кој говори дека процентот на вакцинирани е 37 %, но речиси сите граѓани „имаат“ КОВИД сертификати. Но, поранешен е, покажал „пркос“ и повеќе не е вреден за дискусија.
Што друго ќе донесе „Заев 3 Владата“? Што да се очекува од една политичка номенклатура која вредносно е истрошена и не сака да работи на главните 3 проблеми: Енергетска, Епидемиолошка и Економска криза. Граѓаните бараат решенија за три 3-Е кризата, а не за забревтаната „Заев 3 Влада“.
Остатоците од „Заев 2 Владата“ денеска пак не известуваат дека имаме нов историски ден – Македонија ја заокружила воената интеграција во НАТО. Евро – атлантската перспектива нема алтернатива, но и ПР-аџиите и носителите на јавни функции треба да знаат дека ЕУ и НАТО повеќе не поминуваат како флоскули и слогани. Истрошени се, ништо не им значат на луѓето и само ги иритираат.
Го паметите билбордот „НАТО – остварено, ПОПИС – остварено, честитки народе“ кој во кампањата гордо стоеше пред Владата?! И!? Како тоа им помага на работниците по јавните претпријатија кои се уште не можат да земат плата или во дел од општините, како резултат на транзицијата на власта?
СДСМ и Заев – 1, 2 или 3 Влада не требаа да играат со празни наративи и „народот“ да му го „преземат“ на ДПМНЕ, туку да го испорачаат тоа што суштински им го ветија на граѓаните.
И не треба да се зборува за 6-7 нови министри како освежување. „Освежуваш“ кога нешто е добро, само сакаш да биде во подобра кондиција и да го следи курсот. Нас ни треба сериозна промена, луѓе кои ќе испорачаат резултати и каде барем за момент партискиот интерес ќе биде во втор план.
Така да, трета среќа за Заев – нам останатите среќата одамна ни го сврте грбот.