Тренчевска: Оптимист сум дека ќе се договориме за зголемување на минималната плата
„Верувам дека на денешното продолжување на социјалниот дијалог на Економско – социјалниот совет ќе го донесеме најсоодветното решение, кое ќе биде прифатено од сите социјални партнери. За нас како Влада подобрувањето на економскиот статус на работниците е врвен приоритет и минималната плата ќе биде зголемена“.
Ова денеска за ТВ24 го изјави министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.
Таа посочи дека е оптимист дека ќе се изнајде најдоброто решение за работниците, работодавачите и на Владата како партнери.
„Верувам дека на Економско – социјалниот совет предлогот ќе биде прифатен од сите социјални партнери. Кога имаме конструктивен дијалог на ЕСС, секогаш доаѓаме до решение кое е најдобро за сите вклучени страни. Буџетот е во добра кондиција и секое предложено решение ќе биде поткрепено со финансии“, рече Тренчевска.
Таа посочи дека барањето на Сојузот на синдикатите кое го поддржуваат и другите синдикати, е реално бидејќи е согласно трошоците на живот и потрошувачката кошничка.
Синдикатите бараат 18.000 денари минимална плата или 62% од просечната плата. Организацијата на работодавачи бара донесување на минимална плата со 50% од просечната плата, Бизнис конфедерацијата на Македонија предлага обезбедување на финансиска помош за исплата на минималната плата од буџетот на РСМ.