Трајко Славески: Мерката за замрзнување на производите е задоцнета
Членот на ИК на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески синоќа во емисија на ТВ24 рече дека „замрзнувањето на цените на производите е задоцнета мерка и доколку се сакаше спроведување на замрзнувањето на производи потребно беше да се реагира побрзо, а не да се навестува“.
„Сведоци бевме на рапиден раст на цените, коишто и претходно растеа на сите цени на овие производи коишто се сега замрзнати. Производите коишто сега се замрзнати непосредно беа значително зголемени и се согласувам со мислењата дека оваа мерка е задоцнета. Доколку се сакаше да се спроведе замрзнувањето на производи потребно беше да се реагира побрзо а не да се навестува“ – рече Славески.
Тој рече и дека голем дел од веќе идните зголемувања на производите се веќе вградени во цените и тука е неизвесно дали оваа мерка ќе има некој ефект.
„Причините коишто доведоа до еден ваков рапиден раст на цените е дека покрај увезената инфлација има и домашни ефекти коишто доведоа до зголемување на цените, како и колапсот со производство на домашна електрична енергија вклучително и сите популистички мерки во изминативе години каде што Владата се расфрлаше со пари на разни страни во економијата итн., сето ова доведе до пораст на цените“ – посочи Славески.