Трајанов: Голем дел од јавните функционери се вклучени во криминални активности

„За независната агенција, во нејзината суштина, предлагам борд од универзитетски професори, новинари, од невладин сектор, претставници од Парламент, од ДКСК и од Обвинителство, ваквиот композит на УО дава надеж дека никој нема да може да се меша во работата. Сите државни институции се под контрола на власта, 30 години овој систем функционира така. Да сум јас во власта со 15 пратеници, досега ќе го поминев овој проект. Ниту една партија нема јасна волја за борба против организираниот криминал и корупцијата“ вели Павле Трајанов, лидер на Демократски сојуз во најновото издание на Трилинг.

Трајанов вели дека „дефинираме оваа агенција да не се занимава со ситен криминал. Оваа институција ќе собира докази и ќе истражува милионски криминали. Сега битката против криминалот ја водат медиумите и невладините, немаме институција која минатите 15 години открила крупен криминал. Се води хајка, има селективен пристап, голем дел од јавните функционери се вклучени во криминални активности. Јавните набавки над 90 отсто се наместени во државата“.

За можноста на спогодбено решавање меѓу Обвинителство и обвинетиот, Трајанов вели „тој што се стекнал со имот на криминален начин, да не може повторно да влезе во политиката“.

„Препознавам најголема близина меѓу политичарите и Судот, во суштина независноста е се додека не се дојде на власт. Никој не работи на можна одговорност на јавен обвинител, на судија, исклучок е случајот со Катица Јанева“ вели Трајанов.

За евентуалниот влез на АА во Владата, тој вели „Владата мора да е одраз на соодветна и правична застапеност, но имаме непринципиелна коалиција и сега се заговара, наместо стабилно мнозинство – Сојуз за Европа. Ова е опасна манипулација. Предлагам поширок консензус, ако се отвора Владата, да се поканат сите парламентарни партии. Нема никој да го попречи процесот земјата да се движи кон ЕУ“.