Трамп потврди дека го поддржува Тод Бланш за главен државен обвинител на САД

„Ако сенаторите Корнин и Тилис, двајцата лути бидејќи не ги поддржав, не сакаат да го одобрат Тод Бланш, еден од најпочитуваните професионалци во земјата, за главен државен обвинител на САД, тогаш јас ќе го задржам Тод на функцијата в. д. главен државен обвинител“, се наведува во објавата на Трамп на социјалната мрежа.

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска на социјалната мрежа „Трут Соушл“ објави дека и покрај противењето на некои сенатори го поддржува именувањето на Тод Бланш за главен државен обвинител.

„Ако сенаторите Корнин и Тилис, двајцата лути бидејќи не ги поддржав, не сакаат да го одобрат Тод Бланш, еден од најпочитуваните професионалци во земјата, за главен државен обвинител на САД, тогаш јас ќе го задржам Тод на функцијата в. д. главен државен обвинител“, се наведува во објавата на Трамп на социјалната мрежа.

Претседателот на САД потврди дека силно ќе се залага за усвојување на Законот против злоупотреба на државните институции во политички цели.

„Јас со тоа ништо не добивам, иако сум изложен на страшно лош третман. Тод Бланш беше гласот на разумот. Веднаш повторно ќе биде (како кандидат) на маса и јас тоа ќе го спроведам“, порача Трамп.

Републиканските сенатори Џон Корнин од Тексас и Том Тилис од Северна Каролина ја блокираа номинацијата на Бланш, барајќи пишани гаранции дека Министерството за правда нема да основа фонд кој критичарите на Трамп го исмеваа како „фонд за тајни исплати“ наменет за наградување на поддржувачите, но со пари на даночните обврзници.

Корнин и Тилис исто така се противат на договорот со Управата за јавни приходи (ИРС) кој би овозможил да се спречат даночните контроли на Трамп и неговите соработници.

Трамп претходно изјави дека следната година може повторно да побара номинација за Бланш откако Корнин и Тилис ќе ги напуштат своите функции. Корнин ги изгуби внатрепартиските избори во мај од кандидатот на Трамп, главниот државен обвинител на Тексас, Кен Пакстон, а Тилис минатата година потврди дека нема да се кандидира за реизбор.