Тортевски: Притворот кој е ужасно тежок се злоупотребува, се користи како средство за изнудување на спогодба
„Најчесто се гонат екс-функционери, затоа борбата на избори е толку жестока, затоа што добивање на избори е купување уште 4 години на неказнивост. Кога се прави криминалот – кога си на власт“ - вели адвокатот Александар Тортевски.
Трилинг: Mакедонското судство одамна е на стаклени нозе. Дали и борбата против криминалот на белите јакни и корупцијата се жртвувани кога се во прашање моќниците на бизнис-политичкото подземје? Ослободувањето, па повторно обезбедениот притвор за Мијалков е дел од правосудниот амбиент. На денот на конечната оставка на екс-премиерот Заев, притворот за Мијалков стана медиумска сензација? Дали може и треба да се одреди замена на затворскиот со домашен притвор, во услови кога Мијалков веќе има пресуди за „Таргет-Тврдина“ од 20 години затвор, се водат и активни предмети?
Тортевски: Ние како општество треба да се научиме да не ги коментираме судските одлуки, не треба да се коментираат особено од претставници на извршната власт. Во име на граѓаните се носат одлуките. Што претставува гаранцијата, да знаат лаиците, зошто таа се одредува. Таа е сума на пари со која општеството се сложува преќутно дека обвинетиот може да избега. Во САД многу добро е решено праѓањето на гаранција, веднаш се одредува гаранцијата, со притворот. И кога е се исполни истата, притвореникот излегува.
Трилинг: Може ли да се верува на чесен збор на осуденик кога сомнително беше неговото изчеснување од Скопје иако и тогаш гарантираше дека ќе биде достапен на Судот?
Тортевски: Мислам дека тоа е причината зошто е донесена втората одлука. Лице што еднаш се криело неколку дена многу тешко добива укинување на притворот.
Трилинг: Зошто се лицитира со понудениот имот како гаранција и тоа имот кој е под банкарска хипотека? Комерцијална банка се согласила да биде во втор ред за евентуална наплата. Во сите други ситуации банките се непомирливи кога треба да си наплатат свој долг, кај обичното граѓанство?
Тортевски: Банката само го розикува сопствениот капитал, тоа е АД и имаат право да побараат од менаџментот зошто банката се сложила нивното побарување да помине во втор ред. Слушам дека таа согласност од банката е повлечена. Може да е и тоа причиина за куршлусот.
За понудената сума, од 11 милиони евра, најчесто поставувано прашање на Твитер е од каде му се 11 милиони евра. Јас мислам дека ако некој си земе за слобода да понуди толку голем имот, треба да има самодоверба да докаже дека тој имот е легално стекнат. Тој имот треба да биде замрзнат со почнувањето на овие постапки.
Трилинг: Дали со одлука на понискиот суд, Кривичниот во Скопје, може да се делегитимира Апелацискиот совет кој се согласи Мијалков да биде во домашен притвор? Дали има злоупотреба на притворот во случајот на Мијалков?
Тортевски: Да сум бранител во ваков случај, ваква одлука би ме извадила од памет. Инаку, притворот се злоупотребува, многу често се користи како средство за изнудување на спогодба, полесно се признава вина. Притворот е ужасно тежок, во некои казнени системи притворот се пресметува двојно во понатамошната казна. Би можел да набројам 500 луѓе кои добиле условни осуди само затоа што биле во притвор, доколку не било така, ќе добиеле ослободителни пресуди. Судијата во преќутен договор со Обвинителство му даваат условна со која се покрива притворот за да не бара обесштетување. Гарантирам дека има 500 такви луѓе, минимум. Притворот ја обременува одлуката.
Трилинг: Долго траат процесите против криминалите на политичките елити. Дали е тоа модел за застарување или е во прашање неспособност на обвинителите да набават и одбранат докази во судските постапки?
Тортевски: Ако почнете предмет со 71 обвинет, (сличен е предметот Змиско око) треба да знаете дека ви требаат 10 години. Треба да се прави проценка колку и како може да се заврши предметот, Обвинителство нема кадри. Кога на обвинет ќе му презентирате добри докази, тој признава вина и се спогодува.
Трилинг: Дали се помиривме дека во државата е создадена клима за неказнивост на крупните случаи и организираниот криминал?
Тортевски: Да, луѓето ја губат довербата. Кај нас постапки најчесто се вршат само против екс функционери. Најчесто се гонат екс-функционери, затоа борбата на избори е толку жестока, затоа што добивање на избори е купување уште 4 години на неказнивост. Кога се прави криминалот – кога си на власт.