Поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева обвинува дека против нејзе се води хајка откако во медиумите протече информација, а денеска на седница на Судски совет се расправа за тоа дали таа имала судир на интереси бидејќи учествувала во постапки во надлеженост на Судскиот Совет во кои се оценува или одлучува за судии, претседатели на судови, иако тие судии или претседатели на судови воделе предмети во кои инволвиран бил нејзиниот сопруг Младен Дамев, претседател на Управниот Одбор и генерален директор на „Скопски пазар“ кој се јавува како оштетен и како тужител во неколку предмети што се воделе, и што сѐ водат во Кривичниот и во Апелациониот суд, пишува „Фокус“.
Дамева образложуваше дека доставила две известувања до Судскиот совет веднаш откако дознала дека нејзиниот сопруг се јавува како странка во овие постапки и нагласи дека не барала изземање зашто била сигурна дека ќе одлучува професионално и непристрасно и дека за тоа дали ќе биде изземена или не треба да одлучи Советот. Таа всушност известувањата до Советот ги доставила на 23 мај, но поради технички причини стигнале минатата недела.
Го обвини претедателот, Сашко Георгиев дека на медиуми им се даваат документи од седницата. Прашања за Дамева и учеството на нејзиниот сопруг во постапките имаа и претседателот и членовите на Советот, Мери Радева, заменик претседатели, Селим Адеми, но и поранешната претседателка, Павлина Црвенковска.
-Ние дома не разговараме за службени работи, мојот сопруг нема законска обврска да ми кажува за неговите деловни односи. Ниту тој знае што јас постапувам, ниту јас знам какви судски постапки се водат, тоа прво. Второ, мојот сопруг и кој било член на моето семејство нема законска обврска мене да ме известува за јас да ве известам.
Тресете ме цела, но истото и да важи и задругите членови, рече Дамева.
Таа се повикуваше на членот 33 од Законот за судски совет кој пропишува субјективни услови за изземање предвидени во член 33 став 1 и објективни услови, односно постоење на други околности кои може да предизвикаат сомневање во непристрасноста на член на Советот во вршењето неговата функција во кој случај согласно член 33 став 4 од Законот, членот на Судскиот совет е должен веднаш за тоа да го извести Советот кој ќе донесе соодветна одлука.
Според нејзе таа постапила законски и веднаш го известила советот штом дознала, но колегите ја прашуваа како досега не знаела дека нејзиниот сопруг бил странка во постапки и ја споменуваа нејзината изјава за емисијата „Трилинг“ во која беше прашана баш за ова.
-Некој кога станува член на Судски совет, ја знае основната надлежност на советот – следење на работата на судиите и нивно оценување. Не станува член на Управен одбор на карате сојуз па да следи работа на каратисти – како се одвива нивната кариера или како си ја вршат нивната работа. Секој од нас кога станува Судски совет имал обврска да си праша по дома дали евентуално има некои предмети каде може да настане судир на интереси. Како член на Судски совет овде се одлучувало по барање за утврдување одговорност. Се следела работата на најголемиот суд во државата, Кривичен суд. Нејзина обврска била да праша каде евентуално нејзиниот сопруг има предмети и друг член на семејството, деца, за да може да се изземе и да не се доведе во прашање нејзината работа, рече Црвенковска.
Дамева не и остана должна па и го спомена имотниот лист за кој Антикорупциска водеше постапка под сомнение дека Црвенковска криела имот. Таа тврдеше дека со со допис ги известила дека фирмата во која нејзиниот сопруг е 40 процентен содружник е во стечај, па затоа не ја пишала во анкетниот лист за кој тврди дека го доставила во законскиот рок.
Членот на Советот, Ивица Николовски кажа дека не сака да биде дел од овој циркус.
-Овде се продолжи со меѓусебни обвинувања. Јас на почеток на седницата реков дека точката разно не ми е јасна. Колешката Мери ја појасни. Таа наведе кои аргументи се потребни за да одлучиме за изземање. Ова прерасна во меѓусебни обвинувања. Претседателе, од вас зависи во која насока ќе оди ова, рече Ивица Николовски.
Советот сепак не одлучи дали Дамева треба да биде изземена од овие постапки бидејќи им требале да утврдат уште факти. Засега е утврдено двајца од судиите кои постапувале по предмети во кои како странка се јавува „Скопски пазар“ биле на листата за унапредување.