Штрајк на рударите во БиХ, им доцнат платите!

Рударите од рудниците за јаглен во Федерацијата Босна и Херцеговина денеска организираа предупредувачки штрајк, незадоволни од доцнењето на исплатата на платите, најавувајќи генерален штрајк и протести доколку не се исполнат нивните барања.

Работата во вкупно шест рудници беше прекината еден час, а рударите се одлучија на овој облик на протест за да се солидаризираат со колегите од рудникот „Зеница“ кои штрајкуваат од 25 мај.

Тие штрајкуваа бидејќи се уште не им се исплатени платите и другите надоместоци за април.

Синдикалниот огранок на рудникот „Зеница“ планира протести пред седиштето на Владата на Федерацијата на БиХ во Сараево на 8 јуни, бидејќи сите рудници за јаглен работат во рамките на концернот Електропривреда БиХ, кој е во мнозинска сопственост на владата на ентитетот.

Директорот на рудникот Зеница, Менсур Хукиќ, претходно изјави дека вистински проблем е ниската продуктивност, односно малите приходи што ја оневозможуваат редовната исплата на платите.

Рудниците за јаглен сè уште се главен столб на производството на електрична енергија во Босна и Херцеговина бидејќи повеќе од 50 отсто од таа енергија доаѓа од термоелектраните.

Истовремено, тие се принудени да продаваат јаглен на електрани по значително пониска цена од пазарната.