Сто евра за адреса за бугарски пасош

Плати 100 евра, добиј адреса за кандидирање за бугарско државјанство. Ова е најновата цена што e четири пати повисока во однос на годините наназад кога се плаќаше по 20-25 евра за адреса.

Со вакви податоци излезе Бугарското национално радио (БНР), кое пишува дека само на една адреса во Ќустендил има регистрирано 500 луѓе, кои наводно живеат таму.

„Сега тарифата скокнала до 100 евра заради малата понуда на адреси – едноставно капацитетот на градот се исцрпил. Со двојно државјанство, регистрирани во Општината се околу 15.000 лица, околу 15 отсто од вклучените во избирачките списоци за претстојното гласање на 2-ри април.

Прави впечаток тоа, што во последните месеци, откако односите со Северна Македонија се влошија, а во соседната земја антибугарските расположенија ескалираат, бројот на баратели за бугарско државјанство е намален”, објави БНР.

Сепак, оваа адреса не е најбараната. Рекордот го држи реонот „Средец“ во Софија. Избирачкиот список во 2021 година покажа дека најголемиот број запишани гласачи Македонци со бугарски државјанство биле заведени на една иста адреса – улицата „Леге“ бр. 6.

По скандалот со тргување со бугарски државјанства, бугарското Народно собрание формираше Анкетна комисија. Беа предложени и законски измени, со кои и’ се забранува на Државната агенција да издава такви потврди.

Законските измени предвидуваат и формирање на нов Консултативен совет, кој ќе се занимава со разгледување на документите и издавање на потврди за барателите на бугарско државјанство.

Овој совет сѐ уште не е формиран, поради што процесот на издавање на државјанства, што за некои јавни личности од бугарското и македонското општество беше добар бизнис, многу бавно се одвива.

Дојче Веле потсетува на медиумски извештаи, кои пак се повикуваат на податоци од Министерството за правда, дека од 2001 до 2022 година бугарско државјанство побарале 129.382 Македонци, а добиле 99.340.