Стопанската комора бара одложување на даночната реформа

Бизнисот бара власта да ја одложи даночната реформа која треба да стартува на први јануари следната година. Од Стопанската комора велат дека во екот не енергетската криза доколку се воведат нови давачки за компаниите и граѓаните тоа ќе биде дополнителен притисок за нивното функционирање.

Цената на струјата повторно почна да расте и од утре ќе се продава и за над 370 евра за мегават час, а тоа е за двојно повисока цена од онаа по која компаниите ја набавуваа пред еден месец. Тоа е доволна причина стопанствениците да бараат одложување на даночна реформа.

„Инсистираме, како бизнис заедница да се процени повторно овој момент, дали е време во ова невреме за бизнис секторот да се отпочне со било каква даночна реформа што ќе значи дополнително оптеретување на работењето на бизнисот“, вели Анета Трајковска, Стопанска комора.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска денска изјави дека кога ќе ја има на увид целата даночна реформа тогаш во целост ќе ја информира јавноста. Сега додава дека не сака да шпекулира, само кажа дека на даночната реформа се уште се работи а новини секако ќе има.

„Ќе има ревидирање на онаа листа на добра и услуги со пет отсто ДДВ со повластена стапка и добра и услуги со 18 отсто. Исто така ќе има ревидирање и на одредени даночни ослободувања за посебни целни групи“, вели Сања Лукаревска, директорка на УЈП.

Даночната реформа властите ја најавија средината на летово. Во планот е да се оданочуваат договорите на дело, а реформата предвидува и камата на штедните влогови на граѓаните. Планот е да се собираат нешто над 50 милиони евра годишно. Сепак прогресивното оданочување кое беше едно од предизборните ветувања на СДСМ се уште е неизвесно дали ќе биде воведено од следната година бидејќи одредени бизнис и политички елити инсистираат ново одложување на овој данок со кој оние кои повеќе заработуваат ќе треба да платат и поголем данок .