„Русија не ја запре акумулацијата на војници на границата со Украина“ – предупредуваат од НАТО, додека, пак, од Русија тврдат дека поголемиот дел од војниците ќе се повлечат по завршувањето на воените вежби.
„Русија, се чини, продолжува да ја зајакнува својата војска околу Украина. Досега не сме виделе никаква деескалација на теренот. Дополнително, не добивме одговор на писмениот документ и на предлозите што ги испративме до Русија“ – изјави денеска генералниот секретар на НАТО – Јенс Столтенберг, во пресрет на состанокот на министрите за одбрана.
Столтенберг предупредува дека Русија ќе плати висока цена во случај да ја нападне Украина.
Руското Министерство за одбрана претходно денеска соопшти дека воените вежби на Крим завршиле.
„Единиците на Јужниот воен округ, по завршувањето на учеството во тактичките вежби, заминуваат на своите постојани места на распоредување“ – соопшти Министерството.