Стевчо Јакимовски оди една година во затвор, предметот е кај судија за санкции

Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, со која му е изречена казна затвор од една година за кривичното дело бесправно градење.

Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, со која му е изречена казна затвор од една година за кривичното дело бесправно градење.

Како што соопшти Основниот кривичен суд Скопје, Второстепениот суд, постапувајќи по жалбите на обвинетите и на Јавното обвинителство, донел пресуда со која ја потврдува казната за делото „Бесправно градење“. Во изречената казна ќе му биде пресметан и периодот поминат во куќен притвор, од 19 март до 15 август 2019 година.

Во однос на обвинението за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, жалбата на Јакимовски е уважена и предметот во тој дел е вратен на повторно судење. Според Судот, со оглед дека делото се однесува на периодот од 2011 до 2017 година, а предвидената казна е од три до пет години затвор, постои можност застарувањето да настапи во текот на 2027 година.

Апелациониот суд ја укинал и условната осуда за обвинетиот Т.Ѓ., а предметот и во овој дел е вратен на повторно постапување.

Од Кривичниот суд информираат дека предметот ќе биде распределен кај нов судија, бидејќи судијата кој досега постапувал повеќе не е дел од Одделот за организиран криминал и корупција. Потврдениот дел од пресудата ќе биде доставен кај судија за извршување санкции.