„Ги следиме препораките, внимаваме на состојбата, како во земјата, така и надвор. Апелираме до луѓето кои патуваат, да внимаваат, да се заштитат, да држат дистанца. Патувањето во ризичните подрачја не се препорачува и затоа треба да бидеме исклучително одговорни“.
Ова синоќа на тв Сител го кажа Милена Стевановиќ, директорка на Универзитетска Клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во врска со мајмунските сипаници.
Таа посочи дека не треба да се потценува нашиот здравствен систем и оти сите пациенти ќе бидат следени, евидентирани и третирани на Клиниката за инфективни болести.
„Немојте да ја намалувате вредноста на нашиот систем. Нашиот систем е далеку од идеален, но е подготвен и цврсто стоиме на нашите нозе и имаме капацитет да се справиме со заразна болест. Во моментот кога ќе излезат комерцијалните тестови за сипаниците, ќе ги имаме и ние“ рече Стевановиќ.
За инкубацијата за мајмунските сипаници, таа појасни дека трае 21 ден, што значи дека човек може да биде инфициран до 21 ден, а да нема никакви симптоми, како што се појава на висока температура, главоболка, отекување на лимфните жлезди.
Како и секоја друга вирусна инфекција, така и кај мајмунските сипаници, таа вели дека најпогодени би биле младите, повозрасните лица и лицата со хронични болести.