ССМ денеска ќе бараат линеарно зголемување на платите пред МТСП

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска од 10 часот до 13 часот ќе штрајкува пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП) согласно одлуката на Штрајкувачкиот одбор. Барањата се за линеарно зголемување на платите.

Откако минатата недела не беше прифатен амандманот на ССМ  во собраниската Комисија за финансирање и буџет, Претседателството на ССМ организираше протестни активности пред Владата и Собранието, а вчера наутро три часа ја блокираше крстосницата во Автокоманда за влез/излез од Скопје.

„Незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и од тие причини Сојузот на синдикатите на Македонија продолжува и преку други форми на синдикален притисок, незадоволството да го изразува на улица“ – соопштија од ССМ.

Претседателот на ССМ – Дарко Димовски синоќа во телевизиско гостување рече дека од опозициските партии им е ветено уште еднаш да биде поднесен амандман за корекција на ребелансот на Буџетот и дека идејата им била пред Собранието да постават столчиња колку што има членови во Комисијата, но седницата е одложена и ќе протестираат пред МТСП.

„Активностите ги пренасочуваме пред МТСП за да ја прашаме министерката Јованка Тренчевска каде исчезна социјалниот дијалог, ветувањето што ни го даде на 1 Мај и зошто не е прифатен амандманот во расправата за ребалансот на Буџетот. Јавно ќе побараме од министерката Тренчевска да се заложи многу повеќе за она што ни го ветија на 1 Мај, кога и таа беше присутна како дел од претставниците на Владата.  Тогаш ни ветија дека со ребалансот на Буџетот и Законот за извршување на Буџет овие средства можат да ги предвидат најдоцна до 1 јули. Тоа е за четири дена, а од тоа ни трага ни глас“ – рече Димовски.