Средба Мицотакис- Харис во Минхен

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и потпретседателката на САД Камала Харис имале средба во Минхен на која се разговарало за билатералните односи, случувањата во Украина и во Источниот Медитеран, како и енергетските проекти на Грција.

Според информаците од кабинетот на грчкиот премиер, тој ја информирал американската потпретседателка за случувањата во Источниот Медитеран и ја истакнал „опасноста од дестабилизација поради ескалацијата на турските провокации“, ја информирал и за енергетските проекти на Грција во конкретниот регион, а станало збор и за ситуацијата во Украина.

Мицотакис и Харис разговарале за целиот опсег на грчко- американските односи, „кои се на најдобро ниво досега“, а грчкиот премиер информирал за намерата во следните седмици да ги донесе на гласање во Парламентот промените на Договорот за взаемна одбранбена соработка меѓу Грција и САД и ги „разгледале перспективите за поблиска соработка во областа на одбраната што се отвораат по неодамнешните измени во договорот“.