Средба Ковачевски – Петков во Рим: Напредок нема, разговорите ќе продолжат!

Средбата меѓу премиерите на Македонија и Бугарија – Димитар Ковачевски и Кирил Петков во Рим заврши со констатација дека не можат да кажат дали сега има напредок во разговорите меѓу двете министерства за надвореши работи посветени на деблокада на македонскиот европски пат кон ЕУ.

Ковачевски изјави дека средбата со Петков била исклучително конструктивна и дека разговарале на повеќе теми, но рече дека во моментов не може да каже дали е постигнат напредок во однос на постигнување на заемно прифатлив документ со Бугарија.

Тој додаде дека ќе продолжат разговорите меѓу експертските тимови.

„Штом ќе има одреден напредок тогаш ќе биде соопштен на ниво на министри“, рече Ковачевски.

Петков по средбата изјави дека најважно за двете влади е да имаат конструктивен дијалог и тој да продолжи. Тој рече дека не се обврзале за никакви рокови и дека единствено сакаат да го задржат добриот тон, а министерствата за надворешни работи на двете земји да продолжат да работат.

Петков повторно рече дека е потребно да се свика Консултативниот совет за национална безбедност во Бугарија, на кој би се разговарало за сето она што досега го направиле владите на двете земји.

„Само преку конструктивен дијалог ќе можеме да продолжиме во насока на добрососедство што го сакаат двете влади“ – вели Петков.