Средба Вучиќ – Си Џинпинг во Кина, разговарале и за нови инвестиции!

Претседателот на Србија -Александар Вучиќ денеска се сретнал со кинескиот претседател Си Џинпинг.

„Ова е седма официјална средба со претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг. За нас е важно да продолжиме да градиме добри односи и нашата соработка да расте во сите области“ – објави Вучиќ на социјалната мрежа Инстаграм.

Тој рече дека е многу задоволен од средбата и посочи дека кинескиот претседател потврдил дека многу сака да ја посети Србија.

„Разговаравме за стратешки прашања, взаемната поддршка, зачувување на територијалниот интегритет во меѓународните институции и организации – тоа е многу важно за нашата земја поради Косово“ – изјавил Вучиќ за националната РТС.

Посочил дека прашањето за Договорот за слободна трговија е многу важно за Србија и додаде дека се што е поврзано со тоа треба да биде завршено до крајот на годинава.

„За нас прашањето за Договорот за слободна трговија е страшно важно и кога зборуваме за тоа, не е прашање само за нашите земјоделски производители, за нашите винари и лозари, производители на ракија и се друго, да можат да ги продадат своите големи количини на најголемиот пазар во светот, што е кинескиот, туку станува збор и за носење нови инвестиции“ рече претседателот на Србија.

Според него, тоа е важно и за Западот и другите делови од светот, бидејќи „кога знаат дека Србија има договор за слободна трговија со Кина, тогаш навистина стануваме убедливо најдоброто место за инвестирање во цел тој дел од Европа“.