„Српската православна црква е неправедно обвинета за фаворизирање на името Македонска православна црква, иако не го користи во ниту еден од официјалните документи, туку ја охрабрува сестринската црква во Северна Македонија да го дефинира понатамошно именување и решението на проблемот во дијалог со грчките православни браќа“.
Ова го соопшти епископот бачки на СПЦ – Иринеј (Буловиќ) во текст објавен на веб-страницата на грчкиот православен сајт „Ромфеа.гр“.
„Згора на тоа, ние сме тажни секогаш кога не обвинуваат дека не само што го користиме името „Македонска православна црква”, туку дури и дека го поттикнуваме, нагласуваме и го наметнуваме. Овие наводи и обвинувања воопшто не се точни“ – објаснува епископот бачки во текстот.
Тој посочува дека целта на текстот е да се разјаснат одредени сомнежи и да се реши забуната, која, како што наведува, „за жал, во последно време владее во одредени кругови на православниот, пријателски и братски грчки народ”.
Епископот Иринеј вели дека со одлуката на Светиот архиерејски синод на Српската православна црква, донесена на 16 минатиот месец, недвосмислено, меѓу другото, „се препорачува” прашањето за официјалното именување да се реши преку „непосреден братски дијалог со грчките говорни и другите помесни православни цркви”.
„Потоа, на 5 јуни уследи доделувањето автокефалноста, а во издадениот томос, повторно, по којзнае кој пат, беше повторена оваа препорака и охрабрувањето „новата сестринска црква да го реши прашањето за нејзиното официјално именување преку директен братски дијалог со грчко говорните и другите помесни православни цркви” – посочува епископот бачки.