Спасовски на ФБ: Бугарските органи утре со првични резултати од истрагата за несреќата

Македонскиот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски на својот ФБ профил напиша дека бугарските истражни органи утре ќе излезат со првичните резултати од истрагата за автобуската несреќа на автопатот „Струма“.

„Врз основа на резултатите од истрагата ќе постапиме, гарантирам дека органите ќе реагираат брзо и ефикасно. Идентификацијата на загинатите е започната, а на истата работат заеднички тимови од институтите за судска медицина од Република Северна Македонија и Република Бугарија, при што македонската страна учествува во обезбедување на ДНК материјал од роднините на загинатите“ напиша министерот Спасовски.

Според него, „целиот процес може да заврши за 7 дена, по што ќе бидат пренесени посмртните останки на жртвите“.

„Одговорноста е најважна, да се утврди одговорноста и да се сносат последици, за да не се повтори ваква ситуација. Апелирам да не се изнесуваат шпекулации во јавноста, за да не наштетат на истрагата“ вели Спасовски.