Спасовски: Борбата против тероризмот сериозен предизвик, нема индикации за нарушување на безбедносната состојба

„Преземеме сериозни активности во насока на борба против тероризмот или спречување на какви било активности коишто би можеле да предизвикаат загрозување на безбедносната состојба. Во овој момент нема никакви индикации за какво било нарушување на безбедносната состојба во државата“. Ова е пораката што денеска ја упати македонскиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски.

„Ова е сериозен предизвик и предизвик којшто не е сега и нема да заврши, туку предизвик којшто стои пред нас и токму заради тоа сите надлежни органи и МВР и Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање преземеме сериозни активности во насока на борба против тероризмот или спречување на какви било активности коишто би можеле да предизвикаат загрозување на безбедносната состојба. Сега во овој момент нема никакви индикации за какво било нарушување на безбедносната состојба во државата. На највисоко ниво постапуваат сите единици во составот на МВР и сите агенции. Впрочем, неодамна лажните пријавувања за терористички акти покажаа на колкаво ниво е подготвеноста на македонската полиција и на агенциите во однос на справувањето со ваков предизвик“ – рече Спасовски.

Тој во врска со постапувањето по случаите за апсење лица кои се бараат со потерница, Спасовски рече дека работењето на МВР во овој дел е на високо ниво и дава резултати.

„Погледнете ги бројките колку биле бројките пред 3-4 години повеќе од илјада, повеќе од 50 во топ приоритети, а денеска зборуваме веќе за двоцифрена бројка која што се наоѓаат во постапка. Така што, ако ги гледате извештаите на МВР ќе видите дека секој ден, само вчера има три лица коишто се уапсени и коишто се бараат по потерница. Така што, ова работење е поставено на едно високо стратешко ниво за МВР и има резултати“ – вели министерот.