Спасеновски: Прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е последното важно прашање за зацврстување на нашата држава

Универзитетскиот професор Александар Спасеновски во колумна за Трилинг ги анализира црковните состојби во земјава по чинот на Вселенската патријаршија

На крајот од 2021 четири настани беа предвесник на историската одлука на Вселенската патријаршија од 9 мај 2022 за примање на наследничката на Охридската архиепископија во канонско единство 260 години по нејзиното укинување во 1762 година.

Тоа се:

Прво, настапот на Братството на Бигорскиот манастир на Првиот меѓународен фестивал на византиска музика во Атина, на покана на Министерството за култура и спорт на Грција и на Здружението на псалти од Атика, а со благослов на Архиепископот Атински и на цела Грција, г. Јероним, на 3 декември 2021 година;

Второ, одличната промоција на филмот за најголемиот современ грчки чудотворец Свети Нектариј Егински – „Божји човек“, со благослов на Архиепископот Стефан, на 10.12.2021 година;

Трето, посетата на монасите од четири македонски манастири предводени од епископот Антаниски Партениј на Вселенската патријаршија и средбата со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во Фанар седиштето на Вселенската Патријаршија, на 15.12.2021 година;

Четврто, учеството на Епископот Партениј на светската премиера на документарниот филм „Вселенскиот Патријарх Вартоломеј – триесет година служба“, во Солун, на покана на претставникот на Вселенската Патријаршија во Солун, Епископот Никифор, на 19.12.2021 година.

Вистинското значење и големина на овие настани може да се увиди доколку се анализираат низ една временска дистанца. Имено, пред само неколку години нешто што изгледаше како далечен сон за православните верници денес е реалност. Станува збор за конечен крај на еден непријатен период во македонско-грчките односи во кој доминираше инфлацијата на лоши вести, односно почеток на една нова позитивна ера на соработка помеѓу државите, граѓаните и конечно – црквите.

Овие настани од крајот на 2021 година претставуваат продолжение на една нова динамика која започна да се развива во текот на 2017 и 2018 година во која круната беше писмото на Синодот на МПЦ-ОА упатено до Вселенската патријаршија со кое се бара Константинополскиот патријарх да го искористи своето апелациско право за конечно, веројатно фазно, решавање на македонското црковно прашање. Писмата на политичкиот врв на државата, пак, упатени до Вселенскиот патријарх од 20.9.2020, односно од 22.9.2020, дадоа дополнителен придонес во насока на натамиопно зацврстување на перцепцијата во однос на претходно декларираниот консензус во нашето општество. Во оваа смисла, и Вселенскиот Патријарх од своја страна, во едно радио интервју од 2019 година, ја најави траекторијата за разрешницата на македонското црковно прашање, велејќи дека Вселенската патријаршија, во согласност со сопствените историски надлежности ќе постапува по Барањето за еклитон во случајот со МПЦ-ОА, право кое е воспоставено уште од Четвртиот вселенски собор и се однесува на можноста од носење на конечна одлука при меѓуцрковни спорови. Ова значи дека конечно, по толку децении, прашањето се интернационализираше, односно престана да биде ексклузивна надлежност само на СПЦ.

Имајќи го во пред вид споменатото, во 2022 година Република Македонија и нејзината Црква влегоа со еден реален оптимизам за почеток на процесот за решавање на црковното прашање, на што упатуваат и три други групи на околности:

Прво, востановениот консензус во Синодот на МПЦ-ОА;

Второ, поддршката на МПЦ од страна на институциите на државата;

Трето, фактот дека денес решавањето на македонското црковно прашање е целосно комплементарно со евроатлантската ориентација на Македонија, како и со декларираните интереси на САД во оваа насока.

Прашањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е последното важно прашање чие успешно решавање ја зацврстува стабилноста на нашата држава. Потегот на Вселенската патријаршија со примањето на Охридската архиепископија во канонско единство е огромен придонес во насока на натамошно зајакнување на темелите на државата.
Личноста на патријархот Вартоломеј, пак, како и неговото наследство управувајќи ја Црквата овие децении, претставува голем благослов бидејќи оваа генерација православни христијани конечно почнаа да го сведочат чинот на вклучувањето на наследничката на славната Охридската архиепископија во заедницата со останатите православни цркви чија глава е Вселенската патријаршија.