Сопственикот на „Беса транс“ за БНТ: Зошто и јас не бев во тој автобус, да умрам и јас!

Сопственикот на компанијата „Беса транс“ Беким Хаџиу по статусот на Фејсбук, првпат по страшната несреќа која се случи минатиот вторник на автопатот „Струма“ во Бугарија даде интервју за бугарската БНТ. Тој посака да бил во автобусот кој се запали и во кој загинаа 45 патници, а седуммина се спасија.

„Си реков, зошто и јас не бев во тој автобус, да умрам и јас во автобусот. Многупати го помислив тоа“, вели Хаџиу.

Тој потврди дека и тој и неговото семејство биле дел од екскурзијата во Истанбул, но патувале во другите автобуси. Неговите деца биле во последниот автобус.

Автобусот кој се запали и целосно изгоре бил произведен во 2007 година, но компанијата го купила пред три години. Сопственикот тврди дека немал технички проблем со автобусот и рече дека три недели пред несреќата автобусот поминал на технички преглед во Македонија.

„Пред да тргнеме за Турција ги сервисираме, контролираме, па дури и кога ќе стигнеме до Истанбул и таму одиме на сервис да ги проверат, превезуваме патници, да видиме каква е ситуацијата. Се беше во ред и таму кога таму бевме на сервис, и кога има ни кажуваат и веднаш да го поправиме“ рече Хаџиу.

Во интервјуто прашан за наводните туби со гориво наполнети во Истанбул вели:

„Во секој автобус има туби, но со вода, секој автобус мора да ги има за секој случај. Ова е резервна вода. Има строга контрола на влез во Бугарија, багаж, возач, сè што се превезува“.