СОНК бара второто полугодие да почне онлајн

Пред два дена Владата по препорака на Комисијата за заразни болести одлучи наставата во основното и средното образование да продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари, но Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) вчера побара преиспитување на оваа одлука.

Во исто време, се прошируваат и реорганизираат болничките капацитети во државава за третман на пациентите хоспитализирани поради КОВИД-19 и се поголемиот број заразени со вирусот изминатите денови.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков истакна дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од КОВИД-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири. Тој предлага наставата да почне онлајн, а потоа да се согледа ситуацијата.

„Бараме преиспотување на одлуката од причина што сметаме дека процентот на новозаболени секојдневно е во нагорна линија и доколку учениците одат со физичко присуство постои реална можност училиштата да се претворат во кластери и вирусот побрзо да се шири. Од таа причина сметаме дека одреден временски период од пример две недели наставата да биде онлајн, па да се согледаат состојбите од ширење на вирусот и доколку е во надолна линија, да се направи проценка и да се види дали постојат услови за физичко присуство“ – вели Неделков.

Во изминатото деноноќие беа регистрирани 1.861 случаj на КОВИД-19 од направени  5.446 тестирања. Регистрирани се 242 реинфекции, од кои една е втора реинфекција. Вчера беа пријавени и нови 27 починати поради компликации од вирусот, како и 7.273 оздравени пациенти.