Совет за етика во медиумите на Македонија ги додели наградите за новинари за борба против дезинформации за климата

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска ги додели годишните награди за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“, при што беа наградени седум новинари од различни медиуми.

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) денеска ги додели годишните награди за најдобри новинарски стории на тема „Факти и дезинформации за климатските промени“, при што беа наградени седум новинари од различни медиуми.

Првата награда ја доби новинарот Михаил Милошески од „360 степени“ за текстот „Како Македонија ќе го напушти јагленот без да ја загуби енергетската стабилност?“. Втората награда им припадна на Александар Методиев и Сузана Мицева за видео сторијата „Нелегалните патишта на отпадот“, објавена на порталот Нота.мк. Третата награда ја освои Валентина Вурмо за текстот „Дали освен сопственото, нè труе и странско ѓубре?“ објавен во „Лице в лице“.

На церемонијата во Европската куќа, во рамки на Делегацијата на ЕУ во Скопје, беа доделени и пофалници за Иван Кузмановски, Фисник Џелили и Александар Манасиев.

Наградите се дел од проектот „Градење доверба во медиумите на Југоисточна Европа“, поддржан од УНЕСКО и финансиран од Европската Унија. Претставникот на ЕУ, Штефен Худолин, истакна дека новинарите со својата работа придонесуваат за подобро разбирање на сложените теми и за разликување на фактите од дезинформациите.

Регионалниот координатор на УНЕСКО, Џошуа Масаренти, нагласи дека климатските промени се прашање од јавен интерес и човекови права, додавајќи дека во дигиталната ера етичкото известување е клучно поради ризикот од манипулации и ширење неточни информации.

Од СЕММ порачаа дека квалитетното новинарство може да придонесе за подигнување на свеста и за пронаоѓање решенија за проблемите со животната средина. Настанот се одржа во пресрет на 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите.