
Вработена во Шпаркасе банка АД Скопје пријавила дека била изложена на мобинг од претпоставен директор во период кога минувала низ процес на инвитро.
Државниот трудов инспекторат изрекол опомена за банката поради непочитување на Законот за заштита од вознемирување на работното место, односно поради непостапување согласно член 28, кој го обврзува работодавачот да обезбеди заштита од психичко малтретирање.
Во решението, до кое дојде „Инбокс7“, се наведува дека на 28 јули 2025 година вработена во банката поднела писмено барање за заштита од психичко вознемирување, посочувајќи дека од 8 октомври 2024 година трпи континуирано вознемирување од претпоставен директор. По извршениот инспекциски увид на 26 август 2025 година, државната инспекторка за труд Соња Ѓорѓиева ја задолжила банката во рок од пет дена да постапи по наодите, вклучително и да ја премести вработената.
И покрај сериозноста на случајот, од банката не е соопштено дали се преземени конкретни мерки за санкционирање на вознемирувачот, ниту дали е утврдена евентуална одговорност во секторот за човечки ресурси.
Во писмен одговор доставен до „Инбокс7“ на 17 октомври 2025 година, од банката навеле дека постапуваат во согласност со законските прописи и највисоките професионални стандарди.
„Шпаркасе Банка АД Скопје постапува исклучиво во согласност со законските прописи и со највисоки стандарди на професионално и етичко однесување. Во сите процеси поврзани со работните односи, Банката ги почитува законите, внатрешните политики и процедурите, обезбедувајќи транспарентен, еднаков и фер пристап кон сите вработени“, се наведува во одговорот.
Од банката додаваат дека ги применуваат сите предвидени правни механизми за заштита на достоинството на вработените и дека остануваат посветени на создавање безбедна и поддржувачка работна средина.
Сепак, одговорот не содржи конкретни информации дали во овој случај се преземени дисциплински мерки согласно член 29 од Законот за заштита од вознемирување на работа.
Редакцијата дополнително упатила прашања до банката во врска со евентуална внатрешна истрага, санкции и механизмите за заштита од мобинг, како и за поплаките од граѓаните за функционирањето на експозитурите и квалитетот на услугите. И по 20 дена, одговор на овие прашања не е добиен.
Недостигот на конкретни информации и транспарентност, во комбинација со изречената опомена од надлежна институција, повторно го отвора прашањето за ефективната заштита на вработените. Во време кога се одбележува Денот на трудот, ваквите случаи се потсетник дека работничките права треба да се гарантираат во пракса, а не да останат само на ниво на формални заложби.