Советот за општи работи на ЕУ: Да се почитуваат препораките на ДКСК, има напредок во борбата со корупцијата

Државните институции да ги почитуваат препораките на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и да се продолжи со реформите за кои е потребен ангажман и од власта, но и од опозицијата. Ова се само дел од препораките кои ги дава Советот за општи работи на ЕУ во заклучоците усвоени денеска во Брисел.

Во однос за почетокот на преговорите, пак, очекувано нема деблока од страна на Бугарија, а Советот нагласува дека „со нетрпение очекува да се случи првата меѓувладина конференција“.

Советот на ЕУ е тело во кое се претставени сите 27 земји членки и во кое, на тема проширување, одлуките се носат со консензус, односно секоја членка има право на вето.

Во делот за правосудството и борбата против корупцијата во Северна Македонија од Советот го поздравуваат постигнувањето на одреден напредок во имплементација на стратегијата за реформи на правосудството и нагласуваат дека фокусот треба да биде ставен на постојана примена на постоечките стратегии и закони во согласност со стандардите на ЕУ.

Во однос на борбата против корупцијата, пак, се нотира оти се забележани напори во таа насока, вклучително и со случаи на корупција на високо ниво, а се испраќа и порака дека треба да се почитуваат препораките на ДКСК.

Зборувајќи за владеењето на правото и борбата против корупцијата и организираниот криминал, исто така, се констатира одреден напредок.

Во заклучоците од Советот нотиран е и одреден напредок во јавната администрација, за што исто така се нагласува оти е од суштинска важност да се запазат принципите на транспарентност и правична застапеност, вклучително и преку подобрување и имплементација на законските рамки.

Кога се во прашање економските реформи, Советот испраќа охрабрување до земјава да продолжи да ги исполнува барањата на внатрешниот пазар на ЕУ и да се справува со конкурентскиот притисок и пазарните сили во Унијата.

Во однос на разузнавачките и безбедносните служби, пак, Советот на ЕУ констатира дека е спроведена сеопфатна реформа во соработка со НАТО и партнерите, но порачува и дека треба да се зајакне парламентарниот надзор над овие служби.

Советот на ЕУ се осврнува и на локалните избори кои се одржаа во октомври за кои констатира дека, според ОБСЕ/ОДИХР, биле конкурентни и се почитувале основните слободи и права, меѓутоа се посочува и дека има бројни недостатоци во правната регулатива поради што е потребно да се преиспитаат законите кои се однесуваат на изборите.

Во однос на пописот, пак, се поздравува тоа што тој бил завршен и се нагласува оти се очекува резултатите да бидат објавени во наредните месеци.

Во заклучоците, Советот се осврнува и на добрососедските односи и регионалната соработка за кои нагласува дека остануваат меѓу суштинските елементи важни за процесот на проширување, како и за процесот за стабилизација и асоцијација.