ЕУ очекува старт на преговорите со С. Македонија наскоро – почетокот нема да е до крајот на оваа календарска година

Советот за општи работи на Европската Унија денеска во Брисел ги усвои заклучоците за проширувањето.

Првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија се очекува да се одржат наскоро, но нема временска рамка кога тоа ќе се случи.

„Советот ја потврдува својата заложба за проширување, која останува клучна политика на ЕУ“ – се наведува во заедничката изјава на 27 министри за надворешни работи на ЕУ.

„Советот ја повторува недвосмислената поддршка за европската перспектива на Западниот Балкан“ – се наведува натаму.

Извесно е дека почетокот на преговорите нема да биде одобрен до крајот на оваа календарска година, но во заклучоците се наведува дека „Советот очекува првата меѓувладина конференција со РСМ и Албанија да се одржи што поскоро“.

Словенечкиот државен секретар за европски прашања Гашпер Довжан, по состанокот изјавил дека е задоволен што со колегите министри и државни секретари едногласно ги договориле заклучоците за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација.

„Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долго, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех“, изјавил Довжан.

Тој нагласил дека ова е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки“.

„Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто ‘оваа година’ не се појавува повеќе во заклучоците“ – изјавил Довжан.

Во крајните заклучоци отстранета е референцата што ги поврзува процесот на проширување за Северна Македонија со имплементацијата на Договорот со Бугарија, меѓутоа оваа референца е присутна и во самата преговарачка рамка, објаснуваат дипломатите што имале увид во рамката.

Следниот состанок во Брисел е на Европскиот совет во четврток.