Собранието ја одбележа 35-годишнината од независноста на Украина: Можевме ли повеќе?

Пред собраниската говорница се обратија и амбасадорката на Литванија во земјава Вилма Дамбраускиена, како и в.д. полскиот амбасадор Мариуш Бримора кој запраша дали по се што е направено од Европа да и се помогне на окупираната земја – можеше да се направи и повеќе? 

Секој демократски народ во светот, особено во Европа, треба да ѝ ја даде својата поддршка на Украина и со тоа да покаже дека споделуваме заеднички вредности и дека припаѓаме во едно заедничко семејство.​ Мирот не значи само прекин на конфликтот, туку создавање услови Украина да може слободно и безбедно да си ја гради својата иднина и да се развива. На Украина ѝ е потребен секаков вид помош, како и зајакнување и спроведување на санкциите на ЕУ против Руската Федерација – беа пораките што беа упатени денеска во Собранието на сесијата на интерпартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа по повод одбележувањето на 35-годишнината од независноста на Украина.

-​ Македонија е солидарна со украинскиот народ. Го сметаме украинскиот народ за братски народ, но исто така го сметаме и за нераскинлив дел од мозаикот на европските народи. Нашата поддршка не е само политичка, таа е, пред сè, човечка, и поддршката не е само дипломатска, таа е и материјална и морална и со сè она што можеме како држава во рамките на нашите капацитети да ѝ го дадеме на Украина во денешните услови – рече потпретседателот на Собранието Антонијо Милошоски.

Тој истакна дека во услови кога светот се соочува со сериозни безбедносни предизвици, особено важно е да се почитуваат правата на народите, меѓународното право, како и аспирациите на секоја држава да си ги избира сојузниците, партнерите и својата перспектива.

​- Свесни сме за последиците што војната ги остава, пред сè, врз Украина како држава и луѓето што ги поднесуваат тие жртви секојдневно, но исто така свесни сме и за геополитичкиот момент и за тоа дека оваа агресија врз Украина е исто така и агресија врз европската архитектура на мир и безбедност – рече Милошоски.

Изрази уверување дека дипломатските ангажмани и дијалогот ќе добијат позначајна улога во напорите за постигнување траен и праведен мир, но, посочи тој, додека дојде моментот за траен и праведен мир, сметаме дека секоја демократска држава, која е пријател и партнер на Украина, би требало да помогне и на дипломатски и на воен план за да може Украина да се брани поефикасно од нападите на агресорот.

– Мирот не значи само прекин на конфликтот, туку создавање услови Украина да може слободно и безбедно да си ја гради својата иднина и да се развива. И се надеваме дека набргу ќе дојде и тој месец и таа година кога сите ние ќе разговараме тука и ќе прославуваме вакви денови и ќе разговараме за теми како да се обноват економијата, енергетиката, нормалниот живот, образованието на Украина и нејзините партнерски односи со сите држави на европскиот континент – рече Милошоски.

Нагласи дека земјата ќе продолжи да биде доверлив партнер и да придонесува кон напорите за стабилност и безбедност во Украина и во цела Европа.

– Нашата порака денес е едноставна и јасна: секој демократски народ во светот, особено во Европа, треба да ја даде својата поддршка на Украина и со тоа да покаже дека споделуваме заеднички вредности и со самото тоа дека припаѓаме во едно заедничко семејство.​ Се надеваме дека и Европската Унија ќе ги согледа овие геополитички перспективи и на еден побрз и попрагматичен начин ќе овозможи сите земји кандидати, вклучително и Украина, да бидат што посилно интегрирани во европските политички текови, во заедничкиот и единствен европски пазар, но и во оние области коишто ја определуваат и безбедноста и одбраната на Европа, потенцира Милошоски, честитајќи го Денот на независноста на Украина.

Украинската амбасадорка во земјава Лариса Дир, потсети дека на 24 август 1991 година, Врховната рада, продолжувајќи ја илјадагодишната традиција на градење на државност во Украина и спроведувајќи ја Декларацијата за државниот суверенитет на Украина, ја прогласи независноста на Украина.

Таа посочи дека независноста и слободата за Украинците од секогаш биле темелни вредности што ги поттикнувале на борба и им давале сила да го зачуваат својот идентитет во времињата без сопствена држава.

​-За време навоената агресија на Руската Федерација против Украина, сила ни дава поддршката од нашите земји-партнери кои и обезбедуваат на Украина воена, финансиска, хуманитарна помош, како и поддршка во создавањето и функционирањето на Специјалниот трибунал за кривичното дело агресија на Руската Федерација против Украина. ​Таков израз на помош и знак на солидарност е и тоа што денес, токму на овој ден, Денот на обновувањето на независноста на Украина, имаме можност да се собереме во прекрасната сала на Собранието на Република Северна Македонија која го носи името на вистинскиот пријател на Украина, претседателот Борис Трајковски, посочи амбасадорката.

Дир рече дека Украина го цени формирањето во македонското Собрание на меѓупартиската парламентарна група за поддршка на Кримската платформа, чија денешна седница е посветена на украинскиот Ден на независност и изрази благодарност за ваквиот формат на поддршка.

-Кримската платформа е консултативно-координативен формат инициран од Украина. Платформата е насочена кон зголемување на ефикасноста на меѓународниот одговор на руската окупација на Крим, одговор на растечките безбедносни закани, зајакнување на меѓународниот притисок врз Кремљ, спречување на натамошните прекршувања на човековите права и заштита на жртвите на окупацискиот режим на Руската Федерација, рече Дир.

Потсети дека земјава озбедува активно учество на сите формати на Кримската платформа, а Украина високо го цени ова учество и е благодарна за оваа цврста поддршка во време на невиденa руска воена агресија против Украина. Најави дека одржувањето на Шестиот самит на Меѓународната кримска платформа е планирано во рамките на сегментот на високо ниво на 81-та сесија на Генералното собрание на ОН, што ќе се одржи во Њујорк во септември, а Украина се надева на учество на македонската страна на Самитот на највисоко ниво.

-​Денес независноста на Украина е гаранција за слободниот развој на државата и на Европа. Таа е главната пречка за Руската Федерација, која применувајќи вооружена агресија се обидува политички, економски и духовно да ја апсорбира Украина и да ја подели Европа на сфери на влијание. Агресивната политика и војната против Украина го уништија безбедносниот поредок во Европа. Во завршните документи од самитите на НАТО, Руската Федерација официјално е препознаена како најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците, мирот и стабилноста во евроатлантскиот простор. ​1643 дена целосна руска вооружена агресија. Украина ја брани својата независност. Украинците веруваат дека ќе можат да постигнат мир на целата своја земја бидејќи имаат карактер. Украина е способна за тоа. Имаме сила и дух за отпор, посочи амбасадорката.

Таа исто така рече оти им е потребна и помош. -Потребни ни се ракети за системите „Патриот“, бидејќи РФ речиси секојдневно изведува комбинирани напади со голем број балистички и крстосувачки ракети и дронови. Потребни ни се ракети за да ги соборуваме руските балистички ракети кои безмилосно уништуваат животи во Украина. ​Украина е благодарна за навремените политички одлуки на партнерите, а Украинците со својата способност да ѝ се спротивстават на руската империјална агресија докажаа дека ја заслужуваат помошта од партнерите во добивањето оружје, рече украинската амбасада.

Според неа, важна компонента за ослабување на руската агресија е зајакнувањето и спроведувањето на санкциите на ЕУ против РФ и истакна оти е потребно значително да се зајакнат санкциите против сите физички и правни субјекти во светот, мрежите за набавка и финансиските институции кои ѝ помагаат на РФ да купува и да пренесува во Руската Федерација критични компоненти за производство на оружје.

-Ова оружје се користи против Украинците. Повеќето од овие компоненти се од западните земји. Истото се однесува и на севернокорејските ракети што се испорачуваат во Руската Федерација. Овие ракети не би можеле да се произведуваат без испорака на критични компоненти од другите земји. ​РФ продолжува со ракетните напади и нападите со дронови врз мирните украински градови, убива цивили и систематски нанесува удари врз критичната инфраструктура. Од бесмислениот руски огнен терор Украинците страдаат секој ден и секоја ноќ. ​Особено загрижувачки се податоците на Мониторинг мисијата на ОН за човекови права: јули 2026 година стана еден од најкрвавите месеци за цивилното население на Украина од почетокот на целоснаta инвазија на РФ. Во текот на само еден месец во Украина од руските напади загинаа најмалку 437 цивили, а уште 2610 беа повредени, нагласи Дир.

Таа изрази благодарност кон сите партнери кои помагаат уште од првите денови на руската инвазија на територијата на суверена и независна Украина, заблагодарувајќи се и на раководството на македонското Собрание, особено на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и на потпретседателот, господин Антонио Милошоски, за можноста овој настан да се одржи токму тука.

Францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер истакна дека изборот на Франција отсекогаш бил јасен: моравме и мораме да ја поддржуваме Украина и нејзиниот народ.

– Поддршката на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина не е само помагање на слободниот народ, туку станува збор за одбрана на меѓународното право и безбедноста на европскиот континент. ​Франција учествуваше на инаугуративниот самит на Кримската платформа на 23-ти август 2021 и изрази загриженост за состојбата на Крим и систематичните кршења на човековите права, особено против Кримските Татари, потсетувајќи дека Русија мора да биде одговорна за територијата што ја окупира, рече Риголер.

Тој нагласи дека поддршката на Франција за Украина се темели на пет постојани принципи: првиот е непризнавање – Франција не ја признава и никогаш нема да ја признае анексијата на украинските територии од страна на Русија, ниту резултатите од лажните избори одржани таму.

​- Вториот принцип е сеопфатна и одржлива поддршка: Француската помош е политичка, дипломатска, финансиска, хуманитарна, граѓанска, економска ивоена, и ќе продолжи сè додека е потребно. ​Третиот од овие принципи е одговорот на изразените потреби: Помошта е калибрирана според приоритетите формулирани од самите украински власти. ​Четвртиот принцип е отфрлање на неказнивоста: Не може да има траен мир без правда. Секој што е одговорен за злосторства ќе треба да биде повикан на одговорност пред украинските или меѓународните судови, рече Риголер.

​Петтиот принцип, додаде тој, е европската перспектива – поддршката за Украина е долгорочна и има за цел да го подготви нејзиното пристапување кон ЕУ преку поддршка на реформите и усогласување на европското законодавство.

-​ Во однос на активностите на Франција, би сакала да истакнам неколку точки. Франција, заедно со Обединетото Кралство и Германија, копретседава со Коалицијата на волонтери со 35 држави, со состаноци во Париз на 6 јануари и 13 јули 2026 година. Северна Македонија се приклучи на коалицијата минатиот јули. ​Франција го презеде и ротирачкото претседателство на Г-7 и посвети значаен дел од својата работа на поддршката на Украина. Хуманитарната помош изнесува 470 милиони евра во јули 2026. На 16 февруари 2024, Франција потпиша билатерален договор со кој се предвидувавоена помош во вредност од 3 милијарди евра. Франција ги поддржува сите механизми за борба против неказнивоста, вклучително и специјалниот суд кој беше основан на 15 мај 2026 година, рече Риголер.

Русија, додаде тој, вклучително и во својата советска форма, секогаш се стремела да се позиционира како лидер во борбата против колонијализмот и го користела овој аргумент за да воспостави блиски врски во Африка.

-Но сепак, зад говорите, станува збор за вистинска колонијална војна која Русија ја води денес против Украина — колонијална затоа што Русија не сака да прифати дека украинската нација е слободна да ја избере својата судбина, да се чувствува како европска, сака да го зачува својот идентитет и сака да избега од малтретирањето што го трпела низ целата своја историја од страна на империјалистичка Русија, рече Риголер, додавајќи дека е потребно обединување во поддршката за Украина. Ви благодарам многу за вашата покана.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер упати честитки до македонското Собрание за организацијата на овој настан и поддршката на Украина да се бори за своите права.

​-Германија исто така активно е вклучена во интернационалната Кримска платформа и оваа парламентарна димензија. Како претседател на германскиот Бундестаг истакна, нашата поддршка на Украина не е само учтивост, но за Украина ова не е само борба за нејзината територија, туку есенцијална поддршка на целокупниот европски поредок, рече Дрекслер.

Таа повтори дека точно 1643 дена Украинците се борат за одржување на својата независност, дека Германија најостро ја осудува оваа војна и оти нема да се воздржуваат во давање на секаков вид на поддршка на Украина.

Претставникот на Интерпартиската парламентарна група на Собранието за поддршка на Кримската платформа, Оливер Спасовски, посочи дека кога една држава ќе биде нападната, првото прашање што треба да си го поставиме не е дали сме доволно блиску до неа, туку дали сме подготвени да застанеме зад принципите врз кои се темели меѓународниот поредок.

-​За Македонија одговорот на ова прашање е многу јасен. Нашето Собрание на 3 март 2022 година ја усвои Декларацијата за осуда навоените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. ​Со таа Декларација македонското Собрание јасно ја осудивоената агресија и нападите врз Украина и повикавме на почитување на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет, рече Спасовски.

​Воедно ја оцени руската агресија како неоправдан чин и како еклатантно кршење на меѓународното право кое ја загрозува европската безбедносна архитектура и мирот на европскиот континент.

​-И со тоа Собранието испрати јасна порака: ситуацијата во Крим не е само регионален проблем. Таа е глобален предизвик за меѓународниот поредок заснован на правила. ​Исто така јасно покажа дека принципите на суверенитет, територијален интегритет и почитување на меѓународното право не се предмет на политичка релативизација. ​Токму од тие принципи произлегува и значењето на Кримската платформа и на нејзината парламентарна димензија, посочи Спасовски.

Пред собраниската говорница се обратија и амбасадорката на Литванија во земјава Вилма Дамбраускиена, како и в.д. полскиот амбасадор Мариуш Бримора кој запраша дали по се што е направено од Европа да и се помогне на окупираната земја – можеше да се направи и повеќе?