Виси настапот на младата пејачка Андреа Коевска на годинешното издание на Евровизија поради еден непромислен потег поврзан со знамето на Македонија.
Имено, при фотографирањето во Торино, каде годинава ќе се одржува изборот за Песна на Евровизија, Коевска била замолена од фотографите да го тргне македонското знаме кое и било во рацете за да ја фотографираат без него.
Младата пејачка, како што тврди самата, бидејќи немало никој од македонската делегација во близина го фрлила знамето на сцената.
Сето ова е документирано и најде на силна осуда во македонската јавност.
Осуда стигна и од МРТВ.
„Најостро го осудуваме потегот на нашата претставничка на „Песна за Евровизија 2022“, Андреа Коевска. којашто за време на фотографирањето во Торино го фрли на земја државното знаме“ – соопшти Македонската радио телевизија (МРТ).
„Јавниот сервис на ниту еден начин не стои зад ваквото скандалозно однесување на нашата евровизиска претставничка, која со тој гест покажа непочитување кон националното обележје, што е казниво со закон, се наведува во соопштението. МРТ очекува од Андреа да им се извини на граѓаните за ваквото однесување и најавува дека ја разгледува можноста за нејзино повлекување од Евровизија, иако ќе се води сметка да не се предизвика поголема штета по јавниот сервис. Против одговорните во македонската делегација ќе бидат преземени сите законски можности за најстрого санкционирање за овој скандал“ – се додава во соопштението.