
Сиљановска-Давкова: Без слободни и одговорни медиуми нема информирани граѓани
Без слободни и одговорни медиуми нема информирани граѓани, а без информиран народ демократијата ризикува да се претвори во празна форма, лишена од сопствената суштина. Новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на владата ниту нејзин однапред определен противник, туку мора да ја преиспитува секоја форма на моќ, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на 20. Југоисточноевропски медиумски форум (SEEMF) 2026, кој се одржува денеска во Скопје.
Без слободни и одговорни медиуми нема информирани граѓани, а без информиран народ демократијата ризикува да се претвори во празна форма, лишена од сопствената суштина. Новинарството не смее да биде ниту продолжена рака на владата ниту нејзин однапред определен противник, туку мора да ја преиспитува секоја форма на моќ, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на отворањето на 20. Југоисточноевропски медиумски форум (SEEMF) 2026, кој се одржува денеска во Скопје.
Обраќајќи се пред учесниците на форумот, кој се одржува под мотото „Поблиску до регионот, посилни во Европа: Улогата на комуникацијата и медиумите во зајакнувањето на имиџот, отпорноста и безбедноста на Европа“, Сиљановска-Давкова нагласи дека посветеноста на вистината и етичките принципи е потребна повеќе од кога било, потсетувајќи дека новинарството низ генерациите го практикувале луѓе кои поради одбраната на своите принципи ги губеле работните места, завршувале во затвор и се соочувале со бројни тешкотии.
– Новинарството бара посветеност на вистината и чувство за јавниот интерес, за res publica. За мене, политиката отсекогаш била дијалог, никогаш монолог. Несогласувањето и комуникацијата се во нејзината суштина – рече претседателката.
Таа посочи дека демократијата претставува облик на политичка комуникација меѓу власта и народот, а во современите демократски општества разбирањето на политиката во најголема мера се формира преку медиумите – телевизијата, весниците, радиото, а особено интернетот и социјалните мрежи.
Според Сиљановска-Давкова, масовните медиуми не се само канали за пренесување информации, туку важен дел од политичкиот процес, бидејќи влијаат врз распределбата на моќта во општеството, поради што новинарите не се само известувачи за настаните, туку и активни учесници во обликувањето на јавниот простор.
Таа оцени дека слободниот печат е една од клучните одлики на демократијата, бидејќи преку поттикнување јавна дебата, политичко учество и контрола на власта овозможува прераспределба на моќта и функционирање на демократските институции.
Медиумите, како што наведе, имаат и образовна улога, бидејќи овозможуваат политичка дебата и создаваат јавен форум за академската заедница, деловните лидери, синдикатите, различните интересни групи и граѓаните, кои преку различни комуникациски платформи можат да ги изразат своите ставови.
Осврнувајќи се на улогата на медиумите како контролор на власта, претседателката нагласи дека таа може ефикасно да се остварува само доколку новинарите се вистински независни и не се под доминација на владата, за да можат да ги преиспитуваат нејзините активности и да ги разоткриваат злоупотребите на моќта.
– Свесни сме дека новите технологии овозможуваат проширување на граѓанското учество преку е-демократијата, сајбер-демократијата и електронската демократија. Но, не смееме да заборавиме или да ги занемариме одредените резерви во однос на способноста на масовните медиуми да придонесат за ефективна демократија. Медиумската содржина е далеку од тоа секогаш да им нуди на граѓаните широк и избалансиран опсег на политички гледишта. Напротив, таа е обременета со политички пристрасности. Освен тоа, масовните медиуми сигурно не подлежат на јавна одговорност во целосна смисла на зборот. Тие се класичен пример за моќ, како што велат некои експерти, моќ без одговорност, понекогаш, рече таа.
Претседателката истакна иако новинарите се добро информирани и упатени, нивните ставови не секогаш го претставуваат гласот на народот, а медиумските професионалци понекогаш ги претставуваат само сопствените ставови.
-Постојат и многу причини поради кои често може да се доведе во прашање независноста на медиумите од владата. Меѓу медиумските професионалци и политичката елита често постои симбиотска врска. Затоа, треба да потсетиме дека владата и масовните медиуми не се секогаш спротивставени страни. Медиумите честопати биле контролирани директно или индиректно и користени како пропагандна машинерија. Поволното претставување на информациите и политиките, односно она што стана познато како спин, се претвори во една од главните преокупации на многу современи влади – изјави претседателката.