Сијарто: Екстрадицијата на Груевски е правно, а не политичко прашање

Петер Сијарто – министерот за надворешни работи на Унгарија рече денеска во Скопје дека екстрадицијата на поранешниот македонски премиер – Никола Груевски е правно прашање за кое е задолжен судскиот систем.

„Ова не е политичко, туку правно прашање. Тоа е работа за судскиот систем и во Унгарија политичарите во врска со тоа не може да поставуваат прашање“ – изјави Сијарто на прес-конференцијата во МНР на која беше и шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Никола Груевски побегна во Будимпешта во 2018 година каде доби политички азил.

Тој е обвинет во повеќе судски процеси и осуден во предметот „Тенк“ на две години затвор за набавката на луксузниот мерцедес.