Горда сум на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, туку и на останатите, а особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Без нив немаше да го запознаам народот, ниту тој мене. Горда сум на мојот тим, постојано беа со мене, горда сум и на учесниците во иборната трка и посебно на коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ. Посебно сум горда на жените во Македонија, мислам дека е време на идентификација на жена со жена без оглед на која идеологија и политичка партија припаѓаат. Жените беа моја инспирација и јас нивна, изјави вечерва на прес-конференција од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова.
Таа оцени дека во дебатата и изјавите за време на предизборниот период не го пречекориле лимитот на пристојноста, а за резултатот од првиот круг на претседателските избори, рече дека е неверојатно инспиративен за неа.
Таа истакна дека она што го ветила ќе го оствари на свој начин и тоа ќе почне да го прави уште од првиот ден.
„Доаѓа вториот круг, ќе се однесувам и во вториот круг кон оној со којшто терба да се натпреварувам со должна почит, очекувам таков однос, треба да ги инспирираме граѓаните, да ги увериме дека вреди да се учествува на избори. Јас знам дека претседател/претседателка на држава мора да биде натпартиска личност, да слуша, докажува да инспирира, да го исполнува она што го ветила, а јас ветив дека знаењето е вистинската можност и дека тоа води кон авторитет. Треба да ги инспирираме најумните, најспособните, најпосветените, тие може да ја направат Македонија горда. Без нас нема тоа да се реализира“, изјави Силјановска-Давкова.
Таа порача декаа мора да се сплоти сето она што навистина и посакува добро на Македонија „и да не останеме само во македонски рамки, туку да делуваме регионално, да си помагаме и да ги користиме сите форми на соработка“.
„Ако немаме регионален пристап и борба во битката за европските интеграции, тогаш да не очекуваме поддршка однадвор. Во маргинализирањето на оваа држава учествувале и оние од Запад, со остуство на јасна политика за евроинтеграција. Ако побараме помош од оние во регионот што се членки на ЕУ, ќе бидеме компетититвен играч“, рече кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Во вториот круг, Силјановска рече дека очекува поддршка од сите, „особено од оние во опозицијата, така ми покажува логиката“.
Од обработени податоци 81,64% избирачки места, според податоците на ДИК, Гордана Силјановска-Давкова има освоено 287 192 гласови. Нејзиниот противкандидат СТево Пендаровски има освоено 140 272 гласови.