СЗО: Неделниот број на смртни случаи намален првпат од почеток на јануари

СЗО информира дека бројот на нови случаи на заразени со коронавирусот во светот е намален за 21 отсто во изминатата недела, односно трета седмица по ред, соопшти Светската здравствена организација.

Во својот неделен извештај, СЗО наведе дека минатата недела имало повеќе од 12 милиони новозаразени со Ковид-19. Минатата недела во светот починаа осум отсто помалку луѓе, или околу 67.000, а неделниот број на смртни случаи се намали првпат од почетокот на јануари.

Западен Пацифик е единствената област каде што е зголемен бројот на новозаразени со Ковид-19, со раст од 29 отсто во претходната недела, додека бројот на инфицирани на други места значително е намален. Бројот на нови смртни случаи од Ковид-19 се зголеми во Западниот Пацифик и Африка, а намален е на други места.

Најголем број новозаразени со коронавирус е регистриран во Русија, Германија, Бразил, САД и Јужна Кореја.