Бомбардер Ту-22М3 се урна во руската област Ставропол, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесува руската новинска агенција РИА Новости.
„На Ставрополската територија, по извршување на борбена мисија при враќање на домашниот аеродром, се урна авион Ту-22М3 на руските воздушни сили. Пилотите се катапултирале“, се вели во соопштението.
На социјалните мрежи се појави видео на кое наводно се гледа авионската несреќа, но нејзината автентичност не е потврдена.
Тројца членови на екипажот биле евакуирани од тимот за пребарување, додека потрагата по четвртиот се уште трае.
„Според прелиминарните податоци, причина за несреќата е техничка неисправност. Во авионот немало муниција; паднал во напуштена област. Нема уништување на теренот“, соопшти руското министерство.
Гувернерот на регионот Ставропол Владимир Владимиров изјави дека авионот се урнал во областа Красногвардејски.