Кампањата за претседателските избори ќе трае уште 4 дена

Кампањата за парламентарните избори, која почна вчера, продолжува денеска со активности на партиите и коалициите за претставување на изборните програми и кандидатите за пратеници во шесте изборни единици во земјава. Во исто време, продолжуваат и активностите за кампањата за претседателските избори која ќе трае уште четири дена.

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ ја продолжува парламентарната кампања меѓу граѓаните на Струга и Охрид, а ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ во Кратово и Крива Паланка. Активности се најавени и на кандидатите за претседател Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.

Караванот на Коалицијата „Европска иднина“ го предводи претседателот на СДСМ и лидер на Коалицијата за европска иднина, Димитар Ковачевски, заедно со носителите, коносителите и останатите кандидати за пратениците. За денеска Регионалниот изборен штаб на СДСМ за Шестата изборна единица најави брифинг со новинари на кој ќе присуствуваат сите 20 кандидати за пратеници.

Активности за претседателската кампања најавија и од штабот на кандидатот за претседател од движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски. Тој денеска ќе биде на средби со граѓани во Ѓорче Петров и во Велес, каде ќе има и обраќање пред граѓаните во салата на театарот Ј.Х.К. Џинот.

Претседателскиот кандидат Билјана Ванковска денеска ќе го посети Саемот на книга во „Борис Трајковски“. Ќе присуствува и на промоција на книгата „Книга за меморија – ученици и студенти Евреи од Град Скопје (1920 – 1943)“ во издание на Архив на Македонија.

Европскиот фронт, пак, денеска на заедничка прес-конференција ќе ја презентира Изборната програма ЕУ2030.

За денешниот ден прес-конференција најави Независната листа на кандидадти за пратеници Изборната единица 1 „ЗА МЛАДИТЕ“ заедно со Работничката партија.

Најавени се активности и на останатите учесници на изборите со кандидатски листи Коалцијата „Храбро за Македонија“ која ја сочинуваат ГРОМ, ПЦЕР и Интегра, партиите Македонска Ера Трета, Демократи, Аваја, Твоја партија, Родина Македонија, Единствена Македонија…