Се преврте рибарски брод, исчезнаа девет членови на екипажот

Бродови и авиони трагаат по девет рибари кои исчезнаа откако нивниот брод се преврте во близина на југозападниот брег на Јужна Кореја

По несреќата, која се случи синоќа во близина на островот Дебичи, тројца членови на екипажот се спасени од комерцијален брод, што се наоѓал во близина, соопшти крајбрежната стража на југозападниот град Мокпо.

Преживеаните изјавиле дека машинскиот простор на бродот многу брзо се наполнил со вода, а потоа бродот тежок 24 тони се превртел.

Американските медиуми го цитираат Министерството за внатрешни работи и безбедност кое соопшти дека седуммина од исчезнатите се државјани на Јужна Кореја, а останатите двајца се странци, но не ја наведува нивната националност.

Повеќе од 30 бродови на крајбрежната стража и најмалку осум авиони денеска се активно вклучени во потрагата по исчезнатите.