Селин Дион најави десет концерти во Париз во мај 2027

Селин Дион најави серија од десет нови концерти во Париз во мај 2027 година, по 16-те настапи кои ќе ги одржи во септември и октомври оваа година.

Селин Дион најави серија од десет нови концерти во Париз во мај 2027 година, по 16-те настапи кои ќе ги одржи во септември и октомври оваа година.

– Новите термини планирани од 8 до 29 мај, се закажани со цел да се одговори на заинтересираноста на обожавателите, соопшти нејзиниот тим. Дополнителните концерти се воведени поради огромниот интерес на фановите кои сакаат во живо да ја доживеат магијата на оваа музичка ѕвезда од Квебек, која оваа есен ќе настапува во арената Ла Дефанс во Париз. Не е изненадување што во меѓувреме се бараат начини за набавка на билети, меѓу кои лотарии, претпродажби, но и измами. Соочени со глобалната еуфорија и цените што многумина ги сметаат за превисоки, голем број обожаватели останаа без можност да обезбедат влезници за концертите. За да им се овозможи шанса да дојдат до билети за дополнителните настапи следната година, новите термини ќе им бидат понудени на ограничен број обожаватели кои веќе се регистрирале за претпродажба. Оваа специјална продажба ќе се одвива од среда до петок, објаснија организаторите.

Селин Дион (58) повторно се најде во центарот на светското медиумско внимание кон крајот на март, откако преку видеопорака од Ајфеловата кула го најави своето враќање на сцената во Париз, по шестгодишно отсуство од јавниот живот. Таа планира петнеделен престој во Париз, кој ќе започне на 12 септември и ќе трае до 17 октомври. Во тој период таа ќе одржи вкупно 16 концерти, а организаторите очекуваат околу 30.000 посетители на секој настап.

Враќањето на музичката дива, која во текот на својата кариера има продадено повеќе од 260 милиони албуми ширум светот, е проследено и со објавување на новата песна „Да танцуваме“ (Dansons). Автор на композицијата е нејзиниот долгогодишен соработник Жан-Жак Голдман, текстописец и композитор кој стои зад некои од најголемите успеси во нејзината кариера.

Голдман е особено познат по работата на албумот „За нив“ („D’eux“) од 1995 година, кој се смета за едно од најзначајните изданија во дискографијата на Селин Дион и еден од најуспешните албуми на француски јазик во историјата на музиката. Новата песна, објавена во април, дополнително ги зголеми очекувањата кај обожавателите во пресрет на нејзиното долгоочекувано враќање на концертната сцена.