Или ги прифаќаш уставните измени или треба да кажеш дека не си за членство во Европската унија, тоа се двата правца, вели лидерот на Алијанса за Албанците Зијадин Села во интервју за МИА.
Во интервјуто снимено во пресрет на парламентарните избори, Села останува на ставот дека треба прво да се донесат уставните измени, а потоа да се формира Владата. Дебатата околу уставните измени, како што посочува, е завршена и треба само да се гласа.
– Откога ќе се направи новото мнозинство, треба да седнеме и да ги изгласаме уставните измени. Од формално-правен аспект немаме никаков проблем бидејки фактот дека ќе се случат избори не значи дека ќе имаме нова држава. Истата држава е и продолжуваат седниците од минатиот состав на Собранието и ние можеме да ги гласаме уставните измени. Тоа би бил условот за креирање на новата Влада, вели Села.
Евроинтеграцијата останува приоритет за Алијанса за Албанците, а според Села, руската агресија во Украина донела олеснителни околности околу зачленувањето на земјите од Западен Балкан во Европската унија и како држава треба да го искористиме тој момент.
– Тоа е услов. Треба да им биде јасно на сите граѓани, треба да им го кажат на сите политички актери кои одат пред нив и велат дека ако ги добиеме гласовите и мнозинството ќе го промениме договорот и.т.н. Тоа е услов – или го прифаќаш или треба да кажеш дека не си за членство во ЕУ. Тие се двата патишта. Сите политички актери кои излегуваат пред граѓаните со програма за зачленување во Европската унија треба да бидат подготвени првиот ден кога ќе се состави новиот Парламент да гласаат за уставните измени и да продолжиме. Мислам дека руската агресија во Украина донесе олеснителни околности околу зачленување во ЕУ на земјите од Западен Балкан. Ние треба да го искористиме овој момент бидејќи многу полесно ќе ни биде за да бидеме рамноправна членка на ЕУ, нагласува Села.