
Во Македонија се регистрирани 69 политички партии, а трендот на формирање нови субјекти продолжува, што отвора прашања дали земјата има доволно гласачи за ваква партиска понуда.
Според податоци од Основниот граѓански суд – Скопје, бројот на партии расте од 62 во 2023 година, на 64 во 2024 година и 69 во 2026 година, со тенденција за понатамошно зголемување. Дел од новите политички субјекти веќе се формираат, меѓу кои и партии на етнички заедници, како и најави од граѓански иницијативи и поранешни политичари.
Социолози и политички аналитичари оценуваат дека зголемувањето на бројот на партии може да донесе поголема политичка конкуренција и подобра изборна понуда, но нагласуваат дека за функционален политички систем потребни се и изборни реформи, како една изборна единица и воведување изборен праг.
Истражувања покажуваат дека околу 13,3% од граѓаните се членови на политичка партија, односно речиси секој седми има партиска книшка. И покрај фрагментацијата на политичката сцена, експертите сметаат дека тоа не мора да значи негативен процес, туку одраз на поголема политичка мобилизација и поразновидна понуда.