Сведоци од изгорената модуларна болница во Тетово давале изјави во Обвинителството
Се комплетира досието од илјадници страници по двомесечната истрага за пожарот во ковид-центарот. Сослушани се 50-тина сведоци, пристигнаа две важни вештачења, се чека само вештачењето од Германија.
Десетина сведоци сами се појавиле во Обвинителството во Тетово за да раскажат што точно се случувало на 8. септември вечерта во и околу ковид-болницата во градот под Шар Планина, информира „Дојче веле“.
Оттаму појаснуваат дека дел од лицата кои кобната вечер биле присутни во ковид центарот во кој избувна пожарот сведочеле како и кога настанал пожарот и како тие се обидувале да спасат жива глава бегајќи низ прозорците.
„Од нигде-никаде се појавија луѓе за кои ние воопшто не знаевме дека ноќта биле во модуларната болница. Тие доброволно дојдоа во Обвинителството и посведочија дека биле таму во моментот кога избувнал пожарот. Тие биле сместени во други соби, но почнале да бегаат низ прозорците за да се спасат, кога огнот почнал да се шири“, изјавил за „Дојче веле“ претседателот на Обвинителство Тетово – Бесир Алиу.
Се комплетира извештајот за пожарот во болницата, а на него работат петмината обвинители.
Информациите се дека се чека само вештачењето од Германија, по што извештајот ќе биде објавен во јавноста.