Сарафов: Најверојатна причина за несреќата е човечка грешка

Бугарскиот заменик главен обвинител и директор на Националната истражна служба – Борислав Сарафов на денешната прес-конференција во Бугарија, поврзана со несреќата која се случи на автопатот „Струма“, а во која животот го загубија 45 македонски граѓани рече дека „аутопсиите покажуваат дека сите загинати починале од задушување, а не од ударот. Тоа значи дека биле живи во моментот на пожарот. Конечна проценка за причините за несреќата ќе треба да дадат финалните анализи, но водечка верзија во овој момент е човечка грешка – како причина за несреќата.

Тој посочи и дека продолжуваат испитувањата и анализите на автобусот, кои треба да дадат одговор за причините и начинот на избувнување на пожарот, како и за сообраќајната анализа за причините за кои автобусот ја напуштил патеката на движење. Обвинителот нагласи дека се појавија многу шпекулации.

„Испрашани се двајца од патниците во автобусот, кои биле будни во моментот на несреќата. Двајцата даваат објективни информации, испитани се поединечно и исказите им се совпаѓаат, поради што ги земаме за исклучително точни. Денеска се испитуваат и двајца други кои се во болница. Пронајдени се три туби. Трите труби не биле полни и не се запалени. Пожарот не избувнал од нив. Верзијата за терористички акт е професионално разгледана и земени се анализи од автобусот за постоење на терористички акт. Категорично ги отфрламе тие верзии. Не станува збор за терористички акт“ – изјави Сарафов.

Екипа од Обвинителството утре доаѓа во Скопје за подигнување на изработените ДНК профили од роднини на настраданите, за да се идентификуваат починатите.