Раководителот санкциониран, а двајца цариници суспендирани од работа

Царинската управа вчера констатираше дека автобусот на „Беса транс“ со регистарски таблички СК0284БА кој било без лиценца поминувало на 4 гранични премини низ државава во период од 1 година, а последниот излез на автобусот од Македонија, кога тој со патниците заминал кон Турција воопшто не бил евидентиран. Извршена била само заверка на евидентниот лист за превоз на патниците.

„Првичните наоди од внатрешната контрола покажуваат дека на 18.11.2021 година, од страна на царинските службеници елелектронски не е евидентиран излезот на возилото со регистарски таблички СК0284БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, извршена е само заверка на евидентентиот лист за превоз на патници. За досега утврдените неправилности во постапувањето, за двајца царински службеници кои биле на смена кога возилото излегло од државата, ќе бидат преземени мерки суспендирање од работното место, а за нивниот непосреден раководител ќе следи мерка за санкционирање“ – информираа од Царинската управа.

Оттаму ја проверуваат веродостојноста на документите кои „Беса Транс“ ги приложила при влез и излез на автобусот од земјава.

„За возилото со регистарски таблички СК 0284 БА на превозникот БЕСА Транс од Скопје, во периодот од 15.10.2020 година до 11.11.2021 година, Царинската управа има евидентирано повеќе преминувања, преку граничните премини: ГЦИ Деве Баир, ГЦИ Блаце, ГЦИ Ќафасан и ГЦИ Делчево, за различни видови на превоз, вклучувајќи и евиденција на бројот на Изводот од Лиценцата за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај – слободен превоз на патници. Веродостојноста на овие приложени документи од превозникот дополнително ќе се проверува“ – валат од Царината.