Во Мадрид денеска почнува самитот на НАТО, на кој се очекува една од главните теми да биде новиот стратешки концепт кој Русија би ја дефинирал како директна безбедносна закана за Алијансата.
Самитот ќе заврши на 30 јуни, а ќе се одржи во клучниот момент за Алијансата по неуспесите во Авганистан и внатрешните несогласувања во ерата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој се закани дека ќе го повлече Вашингтон од НАТО.
Во пресрет на самитот во Мадрид, генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг изјави дека НАТО ќе го зголеми бројот на војници во состојба на готовност од околу 40.000 на повеќе од 300.000. Тој потег е дел од напорите на НАТО да создаде нова структура на сили во која националните трупи ќе бидат на различни нивоа на подготвеност, така што Алијансата има повеќе војници во состојба на готовност, подготвени да дејствуваат на краток рок во случај на криза.
Генералниот секретар на НАТО рече дека очекува на претстојниот самит на НАТО во Мадрид да биде усвоен „нов стратешки концепт“, кој „јасно ќе ја дефинира Русија како најважна и најдиректна безбедносна закана“ на Алијансата.
Столтенберг оцени дека Русија „се откажа од партнерството и дијалогот“ што НАТО „се обидуваше да ги воспостави со години“, а дека „бруталната инвазија на Украина и отвореното кршење на меѓународното право и потпишаните договори меѓу НАТО и Русија“ се само еден пример за такво однесување на Москва.
На самитот лидерите на НАТО ќе го поканат турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да им овозможи на Финска и Шведска, кои ќе бидат присутни на самитот, да се приклучат на воената алијанса.
Лидерите на НАТО, исто така, се надеваат дека ќе се постигне договор за обезбедување поголема воена помош за Украина, зголемување на заедничките трошоци за одбрана, зајакнување на решителноста за справување со воениот подем на Кина и ставање повеќе војници во готовност на Балтикот.