„Второто полугодие во училиштата ќе започне со физичко присуство бидејќи епидемиолошката состојба го дозволува тоа, а Министерството за здравство ќе прави случаен скрининг меѓу учениците“. Ова денеска го соопшто министерот за здравство Беким Сали откако ја прими третата доза од вакцината против Ковид 19.
„Според нашите податоци нема потреба од онлајн учење во овој момент затоа што епидемиолошката состојба се менува секоја недела, а врз основа на тие податоци ние ги носиме одлуките. Тоа значи дека од 1 февруари ќе се почне со физичко присуство во училиштата и како Министерството ќе преземеме превентивни мерки со случаен скрининг и зависно од регионот, градот или општината ако се појави епидемија, ќе се преземат мерки“ рече Сали.
Синдикатот за образование, наука и култура бара од Владата да ја преиспита одлуката за почеток на второто полугодие со физичко присуство. Сметаат дека во ситуација кога расте бројот на новозаболени треба да се започне со онлајн настава во првите две недели, а потоа да се согледа епидемиолошката ситуација за да се почне со физичко присуство.