Митева: Скапи јадења и алкохолни пијалоци Јанчева и Шилегов плаќале преку сметката на Град Скопје

„Љубица Јанчева и Петре Шилегов со пари на скопјани се гоштевале со скапи јадења и пиеле алкохолни пијалоци стари 12 години. Во предновогодишна забава Јанчева и Шилегов потрошиле 91.560 денари, фактура потпишана од Јанчева, а платена од Град Скопје, од парите на скопјани. Дополнително, одговорната администрација во Град Скопје при секторот за Финансии за оваа фактура се обидела да се спротивстави и да укаже дека е спротивно на Закон да се доставува фактура за извршени услуги за кои нема склучен договор во 2019 година. Односно, во повеќе наврати на надлежните сектори им било посочено дека доставата на фактура со дата и архивски број, а без склучен договор од претходната година е спротивно на Законот за внатрешна финансиска контрола. За таа намена, Секторот за финансиски прашања доставил службена белешка за ова до Шилегов и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска Мандиќ“. Ова меѓудругото денеска на прес-конференција го изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.

Таа посочи дека „ова е брутално кршење на законите од страна на функционерите на СДСМ кои спротивно на укажувањата на стручните лица, сепак одлучиле да потпишуваат сметки за реализирани средства за репрезентација“.

„Од документот со потписот на Јанчева oд кој се гледа дека на два дена пред Нова Година таа и Шилегов потрошиле 91.560 денари. Шилегов и Јанчева за еден ден во кафана потрошиле 6 минимални плати. За еден ден, за неколку часа во кафана тие потрошиле пари со кои можеле 6 семејства да го поминат месецот. Од фискалната сметка  се гледа што нарачувале Јанчева и Шилегов. Додека половина милион луѓе живеат во исклучително тешки услови, Љубица Јанчева и Шилегов пиеле ексклузивно виски Џони Вокер барикирано 12 години, виски Џејмисон и Џeк Дениелс, но и Чивас Ригал. Ова специјално друштво имало и специјална нарачка од кујна во висина од 60.000 денари, без спецификација што содржела таа нарачка. Посебна сметка имало и за Петре Шилегов, кој нарачувал бифтек на путер од 2.400 денари една порција“ рече Митева.