САД со највисока стапка на инфлација во последните 40 години

Во САД цените се зголемени за 7% во декември 2021 година во однос на истиот месец во 2020 година, што е највисока стапка на инфлација во последните 40 години – соопшти тамошното Министерството за финансии.

„Гласот на Америка“ пренесува дека повисоки цени ја одбележаа американската економија во текот на целата претходна година, а нивниот раст е највисок од 1982 година.

Економските експерти посочуваат дека „високата побарувачка се судри со недостигот во снабдувањето предизвикан од коронавирусот“. Тоа влијаеше на растот на цените на моторните возила и мебелот, но и на секојдневните потреби, како што се храната и горивото.

Претседателот Џо Бајден ја повика Федералната трговска комисија да го истражи „однесувањето на нафтените и гасните компании на штета на потрошувачите“.

Федералните резерви се обидуваат да ја ограничат инфлацијата со прекинување на директната финансиска поддршка за економијата во март, порано од првично планираното, и со зголемување на референтната каматна стапка што влијае на трошоците за задолжување за бизнисите и потрошувачите.